Ангеловска на дебата на Светска банка разменуваше искуство за поддршката на приватниот сектор во КОВИД-19
Министерката за финансии Нина Ангеловска учествуваше на дебата организирана од Светска банка на тема „Политики за поддршка на приватниот сектор“ за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19. Целта на овој онлајн настан е да собере високи претставници од областа на финансии и економијата за да зборуваат за своите искуства и мерките кои ги преземаат за справување со последиците од КОВИД- 19 кризата и ефектите врз стопанството.
На тркалезната маса, покрај Ангеловска учествуваа министри за финансии, за економија, за инвестиции, гувернери на централни банки, како и високи претставници на Светска банка – Сејла Пазарбасиоглу потпретседател за рамномерен развој, финансии и институции, Мари Пангетсу, оперативен директор за развој и партнерство и други високи претставници.
Светска банка останува наш посветен партнер, како во поволни економски услови, кога ни е поддршка во мерките кои се преземаат за развој на економијата и општеството, така и сега – кога преземаме мерки за надминување на последиците на КОВИД-19 кризата, најголемата економска криза по Големата депресија.
Инаку преку Светска банка се обезбедени дел од средствата за мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, со која околу 20.000 или една третина од сите компании во земјава кои вработуваат преку 130.000 лица, да ги задржат вработените и да исплатат пристојни плати во време на кризата, во услови кога нивните приходи се намалија за над 30 проценти.