Андре Риу – кралот на валцерот во ноември во Скопје
Светската ѕвезда Андре Риу, познат како „современиот крал на валцерот од Австралија до Мексико, на 23 ноември ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Тој во Македонија доаѓа со неговиот 60-член „Јохан Штраус оркестар“, најголемиот приватен оркестар на светот.
Концертот е во организација на „Пасворд Продукција“. Билетите ќе бидат пуштени во продажба на 23 јануари.
Риу гостуваше во Македонија и во 2019 година, исто така во „Борис Трајковски“.
„Ако некое музичко дело го допре моето срце, ќе го допре и вашето. Оваа прекрасна музика ми дозволува да внесам радост во животот и смеа во светот. Сѐ е дозволено на моите концерти: смеење, плачење, танцување, пеење. Емоциите се тајната на мојот успех“, вели Холанѓанецот Риу.
Риу годишно одржува по 100 концерти, на кои изведува познати композиции со меѓународни солисти.
„Со повеќе од 40 милиони продадени албуми, 30 први места на топ-листите и со 500 платинести изданија, Риу е вистински маестро на публиката, како што го нарекува ‘Њујорк тајмс’“, велат од „Пасворд“.