Анализа: Населението во Русија се намалува, над 50 отсто млади сакаат да ја напуштат државата


Русија – Поради пандемијата на коронавирусот, руското население ќе се намали на рекордно ниско ниво за изминатите 14 години. Прогнозите покажуваат дека во 2020 година населението на Руската Федерација ќе се намали за 158.000 луѓе. Тоа го објави медиумскиот холдинг „РосБизнис Консалтинг“ (РБЦ), кој се повикува на владиниот план за националните цели на Русија до 2030 година.

Смртноста во Русија помеѓу јануари и јуни годинава – за време на пандемијата, е зголемена за 3,1 процент во споредба со истиот период во 2019 година, а стапката на наталитет се намали за 5,4 отсто. Според владините прогнози, пресвртот на овој тренд кон позитивен раст ќе биде можен не порано од 2022 година. Посилно намалување на руското население е забележано само во 2006 година, кога нејзиниот број се намалил за скоро 374.000 луѓе.

Сиромаштијата, според истата прогноза, ќе се зголеми во 2020 година на 13,3 отсто.  Во исто време, нагласува РБЦ, една од целите поставени во цитираниот владин план е да се намали сиромаштијата на 6,5 отсто во 2030 година.

Речиси 19 милиони луѓе во Русија живеат под прагот на сиромаштијата.

Реалните приходи на Русите опаѓаат седма година по ред, а овој развој започна по анексијата на Крим и воведувањето на западните санкции. Според државната Академија за национална економија, во 2019 година секој четврти Русин чувствувал влошување на финансиската состојба. И според последните податоци на Руската статистичка служба, 18,6 милиони луѓе живеат под прагот на сиромаштија, што претставува скоро 13 отсто од населението во Русија.

Вкупно 53 отсто од Русите на возраст меѓу 18 и 24 години велат дека би сакале да емигрираат. Ова е најголема вредност на тој индикатор од 2009 година.