Анагностопулу: Граѓаните од Северна Македонија се изјаснија за европска перспектива


Заменик – министерката за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу по првиот круг на претседателските избори во Северна Македонија смета дека двајцата кандидати кои го поддржуваат Договорот од Преспа освоија 11 отсто повеќе гласови од кандидатката од националистичкиот блок, што покажува дека граѓаните се изјасниле за европска перспектива на својата земја.

Во интервју за радиото на грчката новинска агенција АНА-МПА, Анагностопулу смета дека не е веројатно да биде избрана Силјановска, но додава дека дури и да се избере, на меѓународно ниво нема да преземе ништо во однос на Договорот од Преспа.

“Сметам дека и ВМРО има сфатено дека ниту може да направи нешто, ниту пак сака, бидејќи ќе има реакција од народот, бидејќи граѓаните од Северна Македонија сакаат европска перспектива за нивната земја, сакаат отворање кон светот, бидејќи затвореноста, тоа дека немаа контакти со Грција, и нив самите ги чинеше многу“, вели Анагностопулу во интервјуто.

Заменик – министерка за надворешни работи на Грција рече дека оваа седмица, во грчкиот Парламент ќе бидат доставени двете спогодби што се однесуваат на отворањето на новите гранични премини меѓу двете земји.

Во однос на комисијата за трговските ознаки, Анагностопулу вели дека учествуваат бизнисмени и експерти за да ги решат проблемите што би произлегле.

(IBNA)