Ана Брнабиќ со тешки навреди кон Пицула поради осудата на нападот на Ѓилас
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, упати тешки навреди кон известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула и побара негова оставка поради неговата изјава дека остро го осудува нападот на членовите на Српската напредна партија врз лидерот на опозицијата Драган Ѓилас.
На социјалната мрежа Икс, Брнабиќ ги оспори зборовите на Пицула дека станува збор за напад на Ѓилас, па го нарече „срам за Европскиот парламент“, „корумпиран“, „пристрасен“ и „политички мотивиран“ и го обвини за „грубо злоупотреба на положбата на известувач и тоа пред официјално да ја посети Србија за прв пат“ во тоа својство.
Таа изјави и дека „ги замолува сите“ од Европската унија, особено од шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануеле Жиофре, да го погледнат видеото од синоќешниот инцидент, кој се случи додека членовите на СНС лепеле навредливи плакати против Ѓилас.
„Само едно логично прашање: Господине Пицула, дали сте слеп или корумпиран? А слепи несте. Како претседател на Собранието на Србија, очекувам оставка на господинот Пицула поради сѐ што покажа со оваа објава и на што предупредувавме претходно – затоа што е пристрасен, политички мотивиран и затоа што уште пред официјално да ја посети Србија за прв пат грубо ја злоупотреби функцијата известувач“, напиша Брнабиќ.
Пицула претходно на социјалната мрежа Х напиша дека најостро го осудува нападот врз Ѓилас, претседателот на Партијата на слободата и правдата и врз нејзиниот функционер Ѓорѓе Алексиќ.
„Јавниот простор не смее да биде полигон за насилство врз политичките ривали. Кластерите не се отвораат со тупаници“, рече Пицула, алудирајќи на очекувањата на властите во Белград дека ЕУ во јануари ќе го отвори Кластерот 3 во пристапните преговори со Србија.
На видеото се гледа како Ѓилас им приоѓа на активистите на СНП кои лепат плакати против него и ги прашува зошто го прават тоа, по што доаѓа до расправија. Ѓилас и Алексиќ потоа добија неколку удари од активисти на СНС и завршија во Ургентниот центар.
Брнабиќ и други претставници на власта го обвинуваат Ѓилас за нападот, а активистите на СНС се претставени како жртви, а претседателот на Партијата на слободата и правдата тврди дека тој и Алексиќ биле први нападнати.