Американските бизнисмени го повикаа Трамп на одговорност за трговската војна


Претставници на 661 американски компании и трговски асоцијации синоќа се обратија писмено до претседателот Доналд Трамп во кое повикуваат итна разрешница на трговската војна со Кина. Американскиот бизнис смета дека оваа војна е штетна не само за компаниите туку и за потрошувачите во САД.

Во рамки на општествено-деловната кампања Tariffs Hurt the Heartland (Царините удираат во срeдиштето на земјата), претставници на американскиот бизнис синоќа во колективно отворено обраќање го повикаа претседателот да запре со политиката на зголемени увозни царини.

Тие сметаат дека високите царини силно удираат по џебот на американските потрошувачи кои се принудени да плаќаат повисоки цени. Меѓу компаниите кои го потпишаа обраќањето се и ритејл гигантите „Волмарт“, „Таргет“, Колс“ и „ЏејСи Пени“. Потоа, производителитот на луксузни стоки „Ралф Лорен“, производителот на облека „Ливајс“, како и „ајРобот“ производител на високо технолошка бела техника, но и американските подружници на „Икеа“, „Еко“ и „Солвеј“. Обраќањето го подржаа и бројни асоцијации, како оние за производство на бела техника, на компјутери и комуникацикса опрема, за производство на модна облека, но и регионалните асоцијации преставици на трговија на мало.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, писменото обраќање е испратено и до Роберт Лајтхајзер, трговски претставник на САД, како и до министрите за трговија и финансии, Вилбур Рос и Стивен Мнучин.

Во писмото се вели дека „партнерите во трговијата треба да ги почитуваат меѓународните трговски правила. Ние ги поддржуваме напорите на Администрацијата во однос на недозволените трговски практики како нарушени авторски права, незаконско предавање на технологии и други проблеми. Но ние бараме Администрацијата да склучи сигурен договор со Кина кој ќе одговори на долгорочите структурни интереси, ќе ја зголеми конкуретноста на САД во светски размери и ќе ги укине царините. Сметаме дека оваа цел може да биде остварена без дополнителен товар за Американците“, се вели во писмото.

Се додава и дека високите царини „предизвикуваат значителна и долгорочна штета за американскиот бизнис, земјоделството, обичните луѓе и целата американска економија. Таквите царини не можат да бидат средство со кое Кина ќе ги смени нечесните трговски практики. Царините се всушност вид на даноци кои директно ги плаќаат американските компании, а не Кина“, истакнуваат претставниците на американскиот бизнис.

Се вели дека зголемени царини за увозни стоки во висина од 25 отсто и сума од 300 милијарди долари пресметано со претходно воведените царини, ќе предизвика загуба на два милиони работни места во САД, ќе ги зголеми трошоците на просечното американско домаќинство за две илјади долари годишно и ќе го намали БДП на САД за еден отсто.

Претходно и водечките производители на спортска опрема како „Најк“, „Адидас“ и „Андер Армор“, предупредија дека 25 процентно зголемени царини на увоз на обувки од Кина ќе биде „катастрофално“ за потрошувачите во САД.

Од Белата куќа засега нема реакција на писмото од американскиот бизнис за прекин на трговската војна со Кина.