Американски советник за национална безбедност: Кина има најголема програма за мешање во изборите во САД


САД–  Од сите држави што се обидуваат да се мешаат во изборите во САД, Кина има најголема програма и има најактивна улога во тоа, изјави американскиот советник за национална безбедност Роберт О’Брајан.

– Знаеме дека Кинезите играат најактивна улога, нагласи О’Брајан на брифинг.

Американските разузнавачки служби открија дека Русија водела кибер кампања за да го промени резултатот од изборите во 2016 година во корист на републиканецот Доналд Трамп, а имаше извештаи дека хакери може да се обидат да влијаат и на претседателските избори во 2020 година. Москва негираше какво било мешање во изборите во 2016 година.

– На Кинезите, Русите, Иранците и другите, кои не се објавени, им ставивме многу јасно до знаење дека секој … кој ќе се обиде да влијае на изборите во САД ќе мора да се соочи со страшни последици, изјави О’Брајан, кој во август рече дека САД открија дека кинески хакери ја напаѓаат американската изборна инфраструктура.

Кина упорно ги негира тврдењата на американската влада за хакирање на американски компании, политичари или владини агенции.