Американски, канадски и руски воени бродови пристигнаа на Куба
Канадски поморски патролен брод вплови во Хавана во петокот, неколку часа откако Соединетите Држави објавија дека нивниот воен брод се закотвил во американската поморска база во заливот Гвантанамо на Куба, островот каде што руските воени бродови пристигнаа претходно оваа недела.
Пристигнувањето на руски, канадски и американски бродови во Куба, островска држава под комунистичка власт на само 145 километри јужно од американската сојузна држава Флорида, потсети на тензиите од старата Студена војна и заладените односи меѓу Русија и западните земји поради војната во Украина.
Сепак, и САД и Куба рекоа дека руските воени бродови не претставуваат никаква закана за регионот. Русија го опиша пристигнувањето на нејзините бродови на својот сојузник Куба како рутина.
Фрегатата „Адмирал Горшков“ и нуклеарната подморница „Казан“ влегоа во средата во пристаништето Хавана, откако во Атлантскиот океан извршија вежби со „високопрецизно ракетно оружје“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Канадскиот патролен брод Маргарет Брук започна да плови во пристаништето Хавана во петокот, во она што Канада го нарече „посета на пристаниште како признание за долгогодишните билатерални односи меѓу Канада и Куба“.
Соединетите држави соопштија неколку часа претходно дека подморницата „Хелена“ пристигнала во рутинска посета на пристаништето Гвантанамо, американска поморска база на работ на островот на околу 850 километри југоисточно од Хавана.
Кубанското Министерство за надворешни работи соопшти дека било информирано за пристигнувањето на американската подморница, но не е среќно поради тоа, сметајќи дека и припаѓа на „земја чија официјална и практична политика е непријателска кон Куба“.
„По правило, поморските посети на една земја се резултат на покана, а тоа не беше случај“, рече заменик шефот на дипломатијата Карлос Фернандез де Косио.
Канадски дипломат рече дека доаѓањето на Маргарет Брук „нема никаква врска со присуството на руски бродови“.

Русија и Куба беа блиски сојузници за време на Советскиот Сојуз, а тензиите со Вашингтон околу комунизмот во неговиот „двор“ кулминираа со кубанската ракетна криза во 1962 година. Москва ги одржува врските со Хавана.
Се очекува руските бродови да останат во пристаништето во Хавана до понеделник, пренесува Индекс.