Алмодовар ја повика шпанската влада да ги прекине односите со Израел

Мадрид– Познатиот шпански режисер Педро Алмодовар денеска ја повика владата во Мадрид да ги прекине сите дипломатски и трговски односи со Израел поради, како што рече, „геноцидот во Појасот Газа“.
Во видео порака објавена на Инстаграм профилот на неговата продукциска куќа „Ел Десео“, Алмодовар изјави: „Јас сум Педро Алмодовар, филмски автор, и ја повикувам нашата влада да ги прекине дипломатските, трговските и сите други односи со Државата Израел како знак на гнев и одвратување од геноцидот што го спроведува врз народот на Газа пред очите на целиот свет“.
Облечен во сина поло маица, 70-годишниот режисер побара од премиерот Педро Санчез „да се обиде да ги убеди сите европски сојузници да направат исто и да се обединат во ова отфрлање“.
Алмодовар, автор на филмовите „Сè за мајка ми“ и „Жени на работ на нервен слом“, и претходно јавно реагираше на војната во Газа. Заедно со актерот Хавиер Бардем и други шпански уметници во мај потпиша отворено писмо со кое се осудува „молкот за геноцидот“ во енклавата, објавено во време на Канскиот фестивал.
Шпанија е еден од најгласните критичари на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во рамки на Европската Унија. Во јуни, премиерот Санчез самиот го нарече војувањето во Газа „геноцид“ – термин што ретко кој меѓународен лидер досега го употреби.
Владата во Мадрид, која во мај 2024 година заедно со Ирска и Норвешка официјално ја призна Државата Палестина, во последните 18 месеци ја стави непоколебливата поддршка за палестинското прашање во центарот на својата надворешна политика, но сè уште не ги прекинала односите со Израел.