Албан Кадриу предложен за нов член на Судскиот совет


 

Со осум гласа „за“ Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска одлучи на Собранието да му го предложи Албан Кадриу, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово, за нов член на Судскиот совет. Кадриу беше предлог на претставникот на коалицијата „Вреди“ во Собранието Беким Ќоку.

Членовите на Комисијата не го прифатија предлогот на пратеничката група на „Европскиот фронт“ Арбен Исаку да биде нов член на Судскиот совет, што го образложи координаторката Рина Ајдари. 

Албан Кадриу, кој е предложен за нов член на Судскиот совет, дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот на ЈИЕ, каде и магистрирал, работел во Владата, а потоа во МВР и во СВР Тетово. Во својата биографија, објавена на веб страната на Собранието, тој наведува дека како правник досега покажал солидни резултати и оти со досегашното негово искуство како правник ги исполнува условите за член на Судскиот совет и дека успешно ќе помогне во спроведување на реформите во правосудството. 

Десет кандидати беа пријавени на огласот за член на Судски совет.

За член на Судскиот совет на Република Северна Македонија се избира лице од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија, меѓународни судии и други истакнати правници, кое во моментот на објавувањето на огласот е државјанин на Република Северна Македонија, дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија со положен правосуден испит и кое во вршењето на правната професија се истакнало со научна или професионална работа или со свое јавно делување, да не е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување во вршење на функцијата или друго кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци што го прави недостоен за да ја врши функцијата член на Советот и да ужива углед и да поседува интегритет за вршење на функцијата член на Совет.