Алијев: Турција не учествува во конфликтот во Нагорно-Карабах


Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев денеска демантираше дека Турција учествува во судирот во Нагорно-Карабах.

– Турција не е дел од судирот и не учествува во него, нема потреба, изјави Алијев за руска телевизија.

Тој додаде дека Турција има само „улога на стабилизатор“ во регионот.

– Турција е наша братска нација и наш сојузник. Таа само ни пружа морална поддршка и ние и сме благодарни на Анкара за солидарноста. Турција не учествува во овој судир ниту во една друга смисла, посочи Алијев.

Азербејџанскиот претседател тврдењето на Ерменија дека Турција учествува во конфликтот ги оцени како провокација.

– Тоа се лажни вести. Не постои ниту еден доказ дека Турција учествува во судирот и нема потреба за тоа. Азербејџан е доволно подготвен да го заштити својот народ и територија, истакна Алијев.

Претходно, ерменското Министерство за одбрана соопшти дека турски авион ловец Ф-16 соборил ерменски авион Су-25 во воздушниот простор на Ерменија, при што загинал пилотот.

Според ерменското Министерство за одбрана, турскиот Ф-16 навлегол 60 километри во воздушниот простор на Ерменија, а во исто време на небото дејствувала ерменската авијација, но турскиот авион успеал да собори ерменско летало.

Но, веста за соборување на ерменски воен авион од страна на турски ловец Ф-16 ја демантираа портпаролот на турскиот претседател и и азербејџанското Министерство за одбрана.

Ситуацијата во Нагорно-Карабах ескалира минатата недела, а Баку и Ереван меѓусебно се обвинуваат за отпочнување на воените дејствија.