Ален Исламовиќ доаѓа во Штип на „Макфест 2022“
На сцената во домот на културата во Штип на 21 и 22 октомври на „Макфест“ ќе настапат едни од најголемите имиња од македонската естрада.
После неколку години на фестивалот се враќа Тамара Тодевска, ќе ги видиме и момците од рап-дуото „Два Бона“, потоа Пајак и Лара Иванова, Ламбе Албакоски, Викторија Лоба, еворвизиската преставничка Андра Коевска, атрактивната Андријана Петрушовска и уште многу други.
Но, покрај македонските ѕвезди, на фестивалот ќе настапи и еден од најпопуларни рок-имиња во регионот, популарниот пејач Ален Исламовиќ. Неговото музичко „си-ви“ е навистина богато, а она што ја обележа неговата кариера е една од најпопуларните групи на сите времиња, легендарните „Бело Дугме“.
„Со Ален стапивме за пет минути во контакт, а мислам дека за уште пократко време ја прифати нашата понуда да учествува на фестивалот. Сите добро знаеме колку значи неговото име за југословенската поп-рок сцена и поради тоа ни претставува чест и привилегија што ќе биде дел од 37-то издание на фестивалот“. Ален издава и нов албум и мислам дека го побаравме во вистинско време. Првиот сингл од албумот тој ќе го промовира на Макфест – изјави уметничкиот директор на фестивалот Роберт Саздов.