Албанскиот парламент со декларација ќе го укинува „законот за војна“ што Грција го има со Албанија


Албанскиот парламент едногласно, со 96 гласа „за“, ја усвои декларацијата за укинување на „законот за војна“ што Грција го има со Албанија, од 1940 година.

Декларацијата ја предложи Партијата за правда, интеграција и единство (ПДИУ) на Шпетим Идризи, која е попозната како „партија на Чамите“, протерани Албанци од областа Чамарија во Грција.
Идризи, при презентирањето на документот истиот го опиша како „скриени мини кои можат да експлодираат во секој момент“.
Со декларацијата, меѓу другото, се бара од албанската влада да вложи максимални напори со грчката влада за укинување на Законот за војна, донесен  од Грција и правните последици што произлегуваат од овој закон, тука секако враќањето на одземените имоти на припадниците на протераните Чами.
-Се бара Министерството за Европа и надворешни работи, по потврдените придонеси на нашата надворешна политика за добрососедство, за мир и за безбедност, редовно да ги информира Собранието на Албанија и нашите евроатлантски партнери, НАТО и ЕУ, за систематски напори на Владата на Република Албанија, во соработка со Владата на Република Грција, да го реши ова прашање пренесено од минатото, се наведува во декларацијата.
Исто така, Собранието на Албанија да го повика Парламентот на Република Грција да ги поддржи напорите на нивната влада за спроведување на политичката волја изразена повеќе од еднаш од министрите за надворешни работи на Република Грција за укинување на Законот за војна со Албанија, и во овој дух позитивно да се разгледа и одобри секој правен инструмент кој би послужил за корекција на оваа ситуација што не се совпаѓа со реалноста на билатералните односи Албанија-Грција.
Прашањето за укинување на „законот за војна“ а посебно она за враќање на одземените имоти на Чамите, често е поставувано од албанска страна, но спротивната, грчката страна, што се однесува до враќање на имотите одговорот е дека вакво прашање не постои.