Албанската компанија “KAYO” во септември започнува со производство на дронови
Албанската државна компанија за производство на оружје “KAYO” во септември ќе започне со производство на беспилотни летала.
Веста ја објави директорот на компанијата, Арди Велиу, на прес-конференција, каде што изјави дека производството во воената област е сложен процес што бара исполнување на високи безбедносни и лиценцирачки стандарди.
-Производството во воената област е комплициран процес, не само затоа што производот мора да биде лиценциран, туку и средината каде што се произведува мора да биде лиценцирана, изјави Велиу.
Додаде дека просториите на фабриката за производство се завршени во партнерство со компаниите што соработуваат, додека фазата на обука на персоналот што ќе биде ангажиран е во тек.
Тој се фокусираше и на влијанието на меѓународните случувања врз напредокот на проектот, нагласувајќи дека конфликтот на Блискиот Исток довел до доцнење во снабдувањето со суровини.
Зборуваше и за школата за летање, која е дел од соработката помеѓу компанијата “КАЈО”” и компанијата “Елбит”, опишувајќи ја како центар што ќе ги зголеми капацитетите на Албанија во областа на воздухопловството.
-Школата за летање е договор помеѓу КАЈО и компанијата Елбит. Она што го добиваме од ова партнерство е искуство во областа на пилотирањето преку школата за воздухопловство. Нивната обука ќе се одвива во Албанија, рече Велиу.
Оваа образовна установа ќе ги има сите наставни програми според најдобрите стандарди, а пилотите што ќе дипломираат таму, ќе бидат со стандардите на странските дипломи.