По шокот на Ќафасан со функционерите Влен бара објаснување од Албанија
Албанските власти ги отфрлаат обвинувањата на Влен. Проблем со патната исправа имал само еден од групата, другите самоволно решиле да се вратат назад
Неочекуваниот „инцидент“ на граничниот премин Ќафасан“ кон Албанија предизвика вознемиреност во Влен бидејќи таму беа задржани тројца функционери на партијата од албанската гранична полиција наводно без образложение. Во групата биле координаторот на пратеничката група на Влен, Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани.
Тие биле задржани околу еден час, иако сите тројца поседуваат дипломатски пасоши. Според неофицијални информации кои им биле соопштени од страна на граничната полиција, против тројцата функционери на Влен постои забрана за влез. Тоа беше причина Влен да испрати до јавноста соопштение во кое бара објаснување од Албанија.
„Влен бара од властите на Република Албанија да ја информираат јавноста дали навистина постои таква мерка. Доколку е така, кој ја донел оваа одлука, врз која законска основа се темели и кои се конкретните причини за таквата акција против избраните функционери и институционалните претставници“, се вели во партиското соопштение.
Албанските царински власти ги отфрлија обвинувањата на функционерите на Влен, негирајќи дека биле спречени да влезат во Албанија.
„Тие патуваа заедно со четврто лице, кое имаше проблеми со патната документација и поради оваа причина не можеше да му биде дозволено да влезе во Албанија. Другите тројца имаа право да ја преминат границата, но одлучија да не го продолжат своето патување и се вратија по своја слободна волја“, стои во реакцијата на управата.
Во извештаите објавени на медиумите се споменува дека се сомнева дека забраната е поврзана со вмешаност во организирањето на протестите во Тирана, познати како „Фламинго револуција“.
По едночасовното чекање на граничниот премин полициски службеници од Албанија одбиле влез на едно лице во земјата кое патувало заедно со тројцата функционери. Беким Ќоку во изјава за медиумите рече оти рутинскиот преглед, кој би требало да трае пет минути, за нив траел еден час без никакво објаснување, а ситуацијата ја нарече апсурдна и бесмислена. „Во моментот кога бевме информирани дека на еден од нашите сонародници му е одбиен влез, решивме да се вратиме и сè уште не разбираме зошто се случи ова“, рече Ќоку.
Пратеникот Азизи пак вели оти е дипломатски апсурд и дека вакво нешто не му се случило ниту на српската граница.
„Причините зошто тоа навистина се случи се голем апсурд и е многу сериозен удар за Албанците, а не за нас како поединци. Четворица дипломати со дипломатски пасоши се задржани повеќе од еден час и тоа е многу сериозно искуство бидејќи ние сме Албанци, нашата татковина е Албанија и за таа Албанија сме придонеле“, рече Азизи.
Поддршка за пратениците на Влен пристигна од лидерот на пратеничката група на Демократска партија на Албанија, Газмент Барди кој рече оти ниту една институција на Албанија нема право да се однесува на овој начин кон легитимните претставници на Албанците од Македонија.