Албанија потпиша меморандум за соработка со Азербејџан за гасификација на округот Корча


Албанија и Азербејџан,  потпишаа меморандум за соработка за гасификација на Корча, што ќе продолжи и во Подградец и Ерсек а потоа и други градови.

Договорот е потпишан во Баку во присуство на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев и албанскиот премиер Еди Рама, кој учествува на 29-та Конференцијата на страните на Конвенцијата на Обединетите нации за климатски промени(COP29). 

Вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, по потпишувањето, за албанските медиуми, изјави дека  реализацијата на проектот почнува во 2025 година а целта е гасификација на целата територија на земјата.

– Ова е многу добра вест, која долго време е разгледувана  меѓу “Албгаз”и “СОКАР”,  а сега станува реалност. Нашите планови се што поскоро да почнеме со работа, почнувајќи од инженерскиот дел. Се очекува работата да започне во 2025 година и да заврши во 2027 година. Имаме намера да создадеме цела дистрибутивна мрежа која го покрива целиот град Корча, но и градските бизниси, изјави Балуку.

Според министерката, проектите за гасификација на земјава ќе продолжат до 2030 година.

-Колку се зголемува планот за гасификација на Албанија, толку се намалуваат трошоците. Во почетокот државата ќе ја поддржи оваа нова процедура, овој нов производ, проширувајќи го и на подрачјето на Поградец и Ерсек. Прогнозираме дека оваа гасификација на државата ќе продолжи до 2030 година, покривајќи поголем дел од градовите, кои имаат и индустриски делови, најави Балуку.

Таа додаде дека Албанија е ангажирана во заштитата на животната средина и целта е повеќе да не се користи огревно дрво за затоплување.