Албанија му дозволи на затворениот Белери да замине во Европскиот парламент за првата седница
Албанија во неделата (14 јули) му дозволи на градоначалникот на Химара, кој има двојно државјанство, затворен под обвинение за изборна корупција, да отпатува во Франција за да учествува на инаугуративната седница на Европскиот парламент како грчки европратеник, рече портпаролот на затворот.
Фреди Белери (52), припадник на албанското грчко малцинство, отслужува двегодишна затворска казна за купување гласови пред неговиот избор во мај 2023 година. И покрак тоа, Белери беше избран минатиот месец на конзервативната листа на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за европратеник во парламентот на ЕУ, чија инаугуративна седница е закажана за 16-19 јули.
„По неговото барање, затвореникот Дионисис (Алфред) Белери доби овластување да отпатува во Стразбур од 15 до 20 јули за да учествува на седниците на Европскиот парламент“, рече во изјавата Фернада Ченко, портпарол на албанската затворска управа.
„Но, тој може да остане само на инаугуративните седници, а кога ќе завршат „притвореникот… мора да се врати да ја отслужи казната во затворот во Фиер“, рече таа.
Белери беше уапсен два дена пред општинските избори во мај 2023 година, обвинет дека понудил 40.000 леки (397 евра) во замена за гласови. Тој не ја презеде функцијата градоначалник.
Пресудата на понискиот суд беше потврдена во жалбата на крајот на јуни, а во петокот беше потврдена од Врховниот суд на Албанија.
Случајот на Белери предизвика несогласувања меѓу Атина и Тирана, при што грчката влада изрази загриженост „во врска со непристрасноста на правните постапки“.
Во март, грчкото Министерство за надворешни работи ја нарече неговата двегодишна казна „очигледно непропорционална со обемот на наводниот прекршок“.
Минатиот мај, Атина, исто така, предупреди дека случајот може да влијае на напорите на Албанија за пристапување во ЕУ.