Албанец избодел пет лица во џамија во Тирана
Еден Албанец денеска со нож нападна и рани пет лица во џамија во Тирана. Полицијата соопшти дека 34-годишниот Рудолф Николи влегол во џамијата Дина Хоџа во центарот на Тирана и со нож ранил пет лица, пренесува АП.
Полицијата додаде дека веднаш реагирале и го уапсиле напаѓачот.Меѓутоа, приватната телевизија „Топ Чанел“ покажа снимки како цивили го блокираат Николи пред да пристигне полицијата.
Петте ранети лица се мажи на возраст од 22 до 35 години. Тие биле пренесени во болница и според полицијата не се во животна опасност.
Полицијата засега не ги соопшти мотивите за нападот.
Имамот на џамијата рече дека вооружен маж ги нападнал верниците и персоналот кога џамијата била полна за време на месецот на постот – Рамазан.
„Да се надеваме дека не станува збор за терористички напад“, рече имамот.
Според полицијата, напаѓачот е од северниот град Бурела, а неговата верска припадност сè уште не е позната.