Аксиос: Виткоф и Кушнер пристигнаа во Египет на преговорите за ставање крај на војната во Газа


Пратениците на американскиот претседател, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, утрово пристигнаа во египетското летувалиште Шарм ел Шеик за да се приклучат на преговорите за договор за ослободување на преостанатите заложници што ги држи Хамас и за ставање крај на војната во Газа, јави Аксиос.

Тимот на американскиот претседател Доналд Трамп инсистира дека Израел и Хамас треба да постигнат договор во рок од неколку дена. Индиректните преговори меѓу израелските и палестинските претставници почнаа во понеделникот и, според американски и израелски извори, покажале „извесен напредок“, но клучниот напредок се очекува дури по пристигнувањето на Виткоф и Кушнер.

Пред патувањето во Египет, Трамп се состана со својот тим за национална безбедност во Белата куќа, каде разговараше за текот на преговорите. Истот ден, тој го прими Едан Александер, американско-израелски државјанин што претходно бил држен како заложник од Хамас, како и семејството на Омер Неутра, убиен на 7 октомври 2023 година, чие тело сè уште се наоѓа во Газа.

Според изворите, Трамп им рекол на семејствата дека наредните 48 часа ќе бидат „пресудни“ за постигнување договор. Тој изјавил дека „постои навистина добра шанса“ преговорите успешно да завршат.

Во разговорите во Шарм ел Шеик ќе учествуваат и катарскиот премиер Мохамед бин Абдул Рахман ел Тани, како и шефовите на египетската и турската разузнавачка служба. Израелската делегација ја предводи советникот на Нетанјаху, Рон Дермер.

Високи американски функционери изразиле „внимателен оптимизам“ во однос на шансите за договор, наведувајќи дека Кушнер и Виткоф нема да го напуштат Египет сè додека не биде постигнат договор за ослободување на заложниците и запирање на конфликтот.

– Нетанјаху направи одлична работа – воениот притисок го направи Хамас подготвен за компромис. Но сега е време за договор, рекол еден висок американски функционер кој сакал да остане анонимен.