Ако пожарите на отворено почнаа во зима, што ќе правиме налето, прашуваат битолските пожарникари

Најопасна е ситуација со атарите на Потпелистерските села кои се многу блиску до Националниот парк Пелистер и моликовата шума


Пожарите на отворен простор почнаа уште сега, во зимските месеци и битолските пожарникари бројат и до девет-десет пожари на ден на отворен простор во битолскиот крај. Најопасна е ситуација со атарите на Потпелистерските села кои се многу блиску до Националниот парк Пелистер и моликовата шума.

Стресот за противпожарната служба во Битола, како што велат, е дотолку поголем што од запалена трева, стрништа и ѓубре, огнот во Потпелистерието, не дај боже, може да зафати делови и од Националниот парк, па штетите да се несогледливи. Особено е алармантна ситуација во атарите на селата Ротино и Кажани. Противпожарната служба на Битола брои 39 пожарникари, во пожари со поголеми размери бараат вклучување на доброволните противпожарни друштва и јавните претпријатија.

„Имаме многу голем број на пожари на отворен простор во месец февруари и сега овие денови од март. Имавме и на оџаци и објекти во урбана средина, но тие интервенции се намалуваат, а се зголемуваат интервенциите на отворено. Се палат стрништа, ѓубре, гори сува треба. Особено е загрижувачки податокот за зачестени пријави на пожари на отворено во потпелистерските села. Само во Ротино имавме 16 интервенции на трева блиску до моликата овие денови. Воздушна линија од 200-300 метри. Среќа што нема ветер брзо да се шири пожарот, па брзо гасниме“, изјави за „Независен“, командирот на ППТЕ на Битола Горан Димкоски.

Од завчера гори голема површина со ниска трева во реонот на Мариово околу селата Орле, Маково, Бонче, Мојно, Мусинци. Според командирот на против пожарната служба во Битола, Димкоски, обезбедено е селото Орле, но пожарот се шири на непристапен терен.

„Две екипи со шест пожарникари сме на терен, гори ниска трева, но на многу голема површина во битолско-прилепскиот дел на Мариово. Има еден дел во прилепско на место викано ‘Лопатица’ многу непристапен терен, висок реон, карпест и непристапен. На Гугл се гледа дека цела планина и има сателитска снимка на зафатената површина. Сепак морам да напоменам нема опасност по население и објекти“, вели Димкоски и ни испрати фотографии од денес, од гаснењето на пожарот во Мариово.

Димкоски се сомнева дека пожарите се предизвикани од лица од локалното население, и оттука предупредува на опасноста и за националниот парк и за населените места.

Лани во битолско-пелагонискиот дел се случија голем број на пожари, а дел од нив беа го загрижувачки размери, имаше и повредни пожарникари со сериозни изгореници и хоспитализирани. Случи големиот пожар во Мариово и битката за селото Паралово, пожарот кај месноста Смолево и опасноста огнот да го зафати националниот парк. Пожарот кај манастирот „Свети Јован“ над Битола. Полицијата поднесе неколку кривични пријави за подметнувачите на огнот, фатени на дело.

Секторот за внатрешни работи-Битола, веќе упати јавен апел до граѓаните особено е истакнато за земјоделците, со оглед дека почнуваат пролетните активности на поле.

„Апелираме до граѓаните да бидат постојано внимателни ако се движат или работат во поле и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња. Покрај ова, на оние кои за време на викендите ќе престојуваат на излетничките, односно туристичките места во регионот, им се укажува да се воздржат од  палење огнови, им советуваме на отворен простор да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце можат да предизвикаат пожар“, посочуваат од СВР-Битола.

СВР-Битола предупредува дека предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание претставува кривично дело кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до осум години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.