Ако некој не може да формира влада значи ги изгубил изборите, вели Ковачевски
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вели дека треба да се причекаат резултатите од параламентарните избори на 8 мај за да се види кој може да формира влада. Треба да се најдат минимум 61 пратеници.
„Тој што не може да формира влада значи изгубил на изборите бидејќи влада се формира со минимум 61 пратеник. Ќе видиме како ќе бидат финалните резултати на 8 мај, бидејќи изборите уште не се завршени и тогаш ќе може да се разговара во однос на формирање на влада. Јас знам како изгледа формирање на влада, треба да имате 61 пратеник минимум за да формирате влада. Ние сме во избори конкуренти со ВМРО-ДПМНЕ, 8 мај нека дојде па ќе видиме“, рече Ковачевски по средбата со претставниците на раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Ковачевски уште еднаш го повтори ставот од последните денови дека зголемувањето на националистичката реторика не води никаде, а овие избори се за иднината.
„Јас веќе ги имам осудено изјавите и на г. Ахмети во однос на несоодветното скандирање на плоштадот ‘Македонија’ бидејќи тие се анахроно скандирања кои нѐ враќаат 20 години наназад во едно закопано минато коешто го надминавме со Охридскиот рамковен договор, со членството во НАТО благодарение на СДСМ и кое го надминавме со отпочнувањето на преговорите со ЕУ повторно благодарени на СДСМ“, рече лидерот на СДСМ.
Одговарајќи на новинарско прашање, Ковачевски реше дека „упатив порака и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и до претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова дека националистичка реторика не води никаде“.
Според него, овие избори не се за враќање назад кон минатото, туку се за иднината и оти не се за изолација, туку за интеграција во ЕУ, бидејќи изолација може да значи изолација и внатре во рамки на етнички заедници што ќе значи изолација и од соседите и што ќе значи изолација финална и на државата од европските процеси.