Ако има пропусти ќе има одговорност и од државните и од приватните клиники за пациентот кој почина чекајќи операција на Кардиохирургија

Ќе има одговорност ако бидат утврдени пропусти во случајот со смртта на пациентот Тони Ангеловски, кој со пукната аорта почина чекајќи операција на Клиниката за кардиохирургија, потврди денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Таравари рече дека сѐ уште го нема видено извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
„Ќе го видам извештајот. Ќе треба да има веднаш и стручна комисија. Според моите информации, едната сала работела. Но, дајте ми време да го видам извештајот“, рече Таравари.
Тој појасни дека соодветни сали за операција на вакви пациенти има три, една државна и две приватни. Но, како што објаснуваат од семејството, а и од првата информација од Клиниката за кардиологија, соодветна сала на Клиника немало за овој пациент, па го препратиле во приватна, која работи со Фондот. Од таму велат, роднини на пациентот, сепак им побарале неколку илјади евра за операцијата, кои тие ги немаат, па пациентот бил вратен на државната клиника.
Таравари вели дека и од приватните клиники треба да се бара одговорност доколку немале таква сала.
Семејството на 59-годишниот Ангелковски претходно обвини дека тој не бил опериран бидејќи од клиниката им кажале дека нема слободни сали. Ги препратиле до приватни болници каде им било кажано дека квотата била исполнета до јуни. И покрај тоа ги повикале да го донесат пациентот, да го стабилизираат но бидејќи немале дел кој им е потребен, не можело веднаш да се изврши процедурата.
Од Клиниката за кардиохирургија велат дека пациентот веднаш бил згрижен, ја примил
потребната терапија, по што состојбата му се стабилизирала. Откако биле разгледани сите наоди, лекарскиот конзилиум утврдил дека ако се изврши отворен хируршки третман, шансите за преживување на пациентот би биле екстремно мали, што му било и објаснето на семејството. Од тука потврдија дека втората сала е надвор од функција повеќе од еден месец заради поставување на нов апарат кој бара и реадаптација на просторот.
Препорачани биле две приватни болници како и лекување во странство.