Ако има финансиски можности, ќе продолжи поддршката 14.500 денари по вработен


Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соопшти дека ако постојат финансиски можности, Владата ќе ја продолжи мерката со која на компаниите им се исплаќаат по 14.500 денари поддршка за секој вработен.

Во текот на викендов се одржала средба со коморите, на која, како што рече, биле разгледани сите нивни предлози.

– Во текот на викендот имавме состанок, се разгледуваат сите можности и барања на коморите од кои едно е да се продолжи поддршката од 14.500 денари. Некои сметаат тоа да биде еден месец, некои два. Се прават анализи и на можностите во рамки на КОВИД-19 програмата. Ако имаме финансиски можности, зошто да не ја продолжиме мерката и да не им излеземе во пресрет на стопанствениците и приватниот сектор во земјава, рече министерот на прес-конференција на која информира дека стартува мерката за поддршка на хотелиерите.