Ако странските компании платат данок 5 отсто овде, остатокот ќе го платат во матичната земја, вели Деспотовски

Пред две години Македонија се приклучи кон голема група земји, современи пазарни економии кои имаат договор глобалниот данок на добивка да изнесува 15 отсто


Јован Деспотовски (Фото: Б.Грданоски)

 

Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, како коментар на предизборната најава на ВМРО ДПМНЕ за пониски даноци за странски компании што ќе ги префрлат своите профитни центри во државата, вели дека го чуди како сериозна политичка партија нема познавање на обврската која државата ја презела пред две години кон ОЕЦД, со која Македонија се приклучи кон голема група земји, современи пазарни економии кои имаат договор глобалниот данок на добивка да изнесува 15 отсто.

„Во превод тоа значи дека ние можеме на странските компании да им дадеме овде да платат данок на добивка од 5 отсто, но остатокот ќе мора да го платат во матичната земја. Од аспект на инвеститорите нема никаква придобивка. Со други зборови, според ‘стратегијата’ на ВМРО-ДПМНЕ нашата држава треба да ‘брцне’ во џебот, односно во буџетот на држави како САД или некоја од европските земји кои ни се наши стратешки партнери. Ова е крајно погрешно и неодговорно и директно влијае на билатералните односи. Истовремено, тоа значи и помалку пари во буџетот на државата и граѓаните, бидејќи и постојните инвеститори ќе плаќаат помалку од сега“, изјави Деспотовски, во интервју за централниот дневник на МТВ.

Според Деспотовски токму западните сојузници ги носат и најголемите странски инвеститори во Македонија, а позитивните ефекти за граѓаните во последните години се јасно видливи и мерливи.

„Ние повеќе не комуницираме дека Македонија е држава на евтина работна сила. Нашата порака е јасна дека трудот на трудот на работниците мора да се плати, па и оттаму имаме раст на платите. Ако во 2016 година просечната плата била околу 19.000 денари годинава очекуваме просечна нето плата од над 40.000 денари што е повеќе од двојно за само шест години. Бројот на работници во зоните се искачи на речиси 18.000 што е два и пол пати повеќе споредено со 6.500 во 2016 година. Исто така ако во 2016 година сме имале 650 милиони евра инвестиции сега сме на 2 милијарди постигнати инвестициски договори“, рече Деспотовски.

Тој додаде и дека имаме континуиран раст на уплатите во буџетот од компаниите кој годинава се очекува да биде околу 70 милиони евра што е за седум пати повеќе споредено со периодот од пред шест години.

Деспотовски посочи и дека ТИРЗ вложува напори за влез на две македонски компании во зоните, но дека проблемот е што „имаме институции кои сè уште се придржуваат до политиките воспоставени пред 15 години, а кои имаат штетно влијание врз економијата и ние активно работиме тоа да го промениме“.