Ајвар од рерна! Брзо се прави, а ќе имате вкусна зимица

Ајварот е еден од најпопуларните зимски деликатеси на Балканот, а мирисот на печените пиперки многумина ги враќа во детството и семејните собири.
Традиционално се подготвува со печење пиперки на шпорет или скара, но можете да постигнете совршен резултат и во рерна – што ја олеснува работата, а вкусот останува богат и домашен.
Состојки:
5 кг црвени пиперки (по можност месни, од типот куртовка)
1 кг модар патлиџан
3 дл масло (сончогледово)
2-3 чешниња лук (по желба)
сол по вкус
малку оцет (по желба, околу 1-2 лажици)
Подготовка:
Измијте ги и исушете ги пиперките, а потоа наредете ги во плех обложен со хартија за печење. Печете во рерна на 220°C додека не омекнат и кората не почне да потемнува и да се одвојува (околу 30-40 минути).
Модриот патлиџан испечете го на ист начин. Ставете ги печените пиперки во пластична кеса или сад со капак да се варат на пареа, потоа излупете ги полесно и исчистете ги од семки и стебла. Излупете го и модриот патлиџан.
Измелете ги исчистените пиперки и модриот патлиџан во машина за мелење месо или во блендер (во зависност од саканата текстура).
Загрејте го маслото во голем сад, додадете ја мелената смеса и гответе на умерена температура, мешајќи постојано, додека не стане густа и сјајна (околу 1-2 часа). Кон крајот, додадете сол по вкус, лук и малку оцет, па добро измешајте. Истурете го топлиот ајвар во стерилизирани тегли, затворете ги и свртете ги наопаку додека не се изладат.
Овој ајвар од рерна е поедноставен за подготовка, а е исто толку вкусен и ароматичен како оној што традиционално се пече на шпорет.