Агелер: Довербата во правосудството е шокантно ниска


– Судскиот совет е важно оружје коешто е потребно за вистинско трансформирање на правосудството во Северна Македонија, во една институција којашто им служи на своите граѓани, којашто ги штити невините и ги казнува оние кои сметаат дека се над законот, истакна амбасадорката.

Агелер им порача на судиите дека недобербата во нив може да се надмине само ако си ја работат работата.

– Северна Македонија има добро изработени закони, добро опремени институции и искусни обвинители и судии, а повеќето од нив и патувале и имале размени со САД. Па се поставува прашањето како да почнеме да го надополнуваме оној јаз или недостиг на доверба на оние на кои треба да им служиме. Пораката е јасна и не се менува. Работете ја работата којашто треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето, дајте отпор на политичките притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспарентноста. Напорната работа веќе започна и гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнеме да стигнете уште понапред на својот пат, рече Агелер.

Претходно, претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева не ја поддржа тезата за колективна одговорност во судството и смета дека индивидуалната одговорност мора да биде санкционирана и точно детектирана. Според неа, секоја одговорност има и презиме.

Весна Дамева

„Судскиот совет веќе сериозно отпочна со реформскиот процес и решени сме цврсто да успееме во оние процеси кои што се во наша надлежност, да ги имплементираме час поскоро. Судскиот совет и персонално отпочна да се реформира бидејќи веќе има двајца нови членови од минатиот месец што значи дека до крајот на годината речиси помалку од половина ќе биде променет составот на Судскиот совет. Во однос на распуштање на Судскиот совет како правник не ја подржувам тезата за колективна одговорност. Сепак мојот личен став е дека треба да има индивидуална одговорност и таа да биде точно детектирана и санкционирана. Секоја одговорност има име и презиме, нека се детектира и секој нека си сноси индивидуална санкција, доколку нешто сторил противзаконски“, потенцира Дамева.

Таа се надева дека пред се ќе се почитува Уставот доколку се оди на принципот на распуштање на Судскиот совет.

„Во период од распуштање до конституирање на нов Совет, ќе настане вакуум период, кој иако би бил краток, постои опасност да застарат одредени постапки кои што се иницирани од граѓаните за нестручно и несовесно постапување на одредени судии. На граѓаните не им е важно кои се членовите и претседателот и што се дискутира на Судскиот совет, туку им е важно да постапува во надлежностите и кој судија останува во судницата. Граѓаните заслужуваат ниту еден судија да не влезе во судница да дели правда, односно неправда, затоа што по сила на закон застарела одредена постапка. Секоја реформа треба да биде добро обмислена. Граѓаните заслужуваат правда“, нагласи Дамева.