Африканскиот Зелен зид од 8.000 километри загрозен од државните удари во Африка


Големиот зелен ѕид беше официјално лансиран од Африканската унија во 2007 година. Целта беше земјите во овој дел од континентот да се борат против претворањето на земјата во пустина преку создавање на огромен појас со вегетација од Дакар на запад до Џибути на исток. Ѕидот на крајот ќе биде долг повеќе од 8.000 километри и ќе поминува низ 11 африкански земји, a ќе стане најголемиот изграден зелен појас во светот. Од 2007 година, проектот еволуираше, но напредокот е многу бавен. 

 Едвај 4 отсто од целите на Големиот зелен ѕид за 2030 година се постигнати, со само 20 милиони обновени хектари земја од зацртаната цел од 100 милиони. Половина од тоа се наоѓа во само една земја: Етиопија, која има амбициозна програма за пошумување. На самитот „Една планета “ во Париз во јануари 2021 година, донаторите ветија дека ќе соберат 14,3 милијарди долари во следните пет години за проектот. За францускиот претседател Емануел Макрон, Големиот зелен ѕид треба да ја види светлината на денот.

 Непрекинатата сиромаштија и намалената безбедност во регионот силно се припишуваат на последиците од опустинувањето на земјите. Климатските промени имаа разорни ефекти. Зелениот појас во  регионот Сахел треба да ги трансформираат животите на милиони луѓе и ќе ја покрие целата Африка по широчина, враќајќи го животот во масовно деградираните предели, бидејќи сушата и гладот создадоа невидени нивоа на конфликти и миграции. Запирањето на ширењето на пустината е во преден план на овој амбициозен проект.

 Но, само две години по храбрите ветувања за финансирање Големиот зелен ѕид падна во замката на војната во Украина, која исто така влијаеше на африканската безбедност. Областа наменета за проектот стана „коридор на државни удари“ каде што безбедносни сили ја држат власта или се во војна меѓу себе. Ништо не оди според планот, велат загрижените набљудувачи. 
 
 Од Адис Абеба, каде што е седиштето на Африканската унија, проектот сепак не го гледаат како пропаднат, а неговиот напредок не толку бавен со оглед на африканските можности. Сахел е огромен регион со површина од три милиони квадратни километри – малку помала од Индија. На север е Сахара, на југ – суданската савана. Во огромното подрачје на рамнините се случува опустинување, делумно поради сезонските ветрови што дуваат песок. Затоа, од 14-те земји во сушниот регион, единаесет (Сенегал, Мавританија, Буркина Фасо, Мали, Нигер, Нигерија, Чад, Судан, Јужен Судан, Етиопија, Еритреја и Џибути) се обврзаа да го градат Големиот зелен ѕид. Меѓу нив се некои од најсиромашните земји во светот. Деградацијата на земјата осудува десетици милиони жители на несигурност, но и ја збогатува почвата за активностите на илјадници џихадисти, поттикнати од сиромаштијата, лошото владеење и конкуренцијата за оскудни ресурси. Се верува дека климатските промени и загубата на земјиште се меѓу водечките фактори за жителите да избираат помеѓу миграцијата и џихадот.Меѓутоа, деградацијата на земјиштето е резултат и на други проблеми: неконтролирано пасење, уништување на шумите, неразвиени системи за наводнување.
 

„Ескалацијата на конфликтите е токму поради климатските промени“, изјави  координаторот на Зелениот ѕид при Африканската унија, Елвис Пол Тангем.

Експертските извештаи во регионот покажуваат дека во некои од најзагрозените земји, како Мали ,Буркина Фасо и Нигер, џихадистичкото насилство ескалирало изминатата година. Токму овие земји во Сахел се обележани со државни удари (вкупно пет во трите) од почетокот на пандемијата. 

Во 2020 и 2021 година, меѓународните донатори, земји и организации ветија повеќе од 20 милијарди долари за проектот. Заедно со една милијарда од Џеф Безос, Африканската банка за развој е посветена да најде уште 6,5 милијарди до 2025 година. Ова е повеќе од половина од потребните 33 милијарди долари. Средствата полека се апсорбираат со оглед на слабиот развој во изминатата деценија, но има напредок. Во 9 од 11 земји се формираа таканаречени Национални коалиции за Големиот зелен ѕид, кои мора да ги вмрежат владите, спонзорите, бизнисот и граѓанско општество. 

Според африканските оценки, напредокот е „забрзан“ и 80% од ветените милијарди долари  се програмирани во 11-те земји. Сепак, доделени се само 2,5 милијарди долари, и уште 17,5 милијарди долари се очекуваат  до крајот на 2025 година.Исто така, според извештајот на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на ОН, до 2020 година засадено беше само 4% од земјиштето, беа отворени  само 350 илјади од планирани 10 милиони работни места, но благодарение на проектот е обновена повеќе земја од планираното во овој период (20 милиони хектари) , но најголемиот дел во Етиопија, Нигер и Еритреја.

28/07/2018, SENEGAL, KOYLI ALPHA. Men and women from the community work in the trees nursery created in the village as part of the Great Green Wall Initiative. One of the main focuses of the Great Green Wall project in Senegal is to create a community-based natural reserve at Kholy-Alpha, in the rural community of Mboula. The reserve aims to improve the living conditions of populations, improve biodiversity conservation and promote sustainable management of the land via a number of initiatives, such as developing ecotourism and non-wood forest products value chains. Salif Ba, one of the guardian of the reserve says:

Конвенцијата за борба против опустинувањето гледа институционални слабости поради недостигот на „финансиски и човечки ресурси“ и „политичка поддршка од регионалните и националните агенции за Зелениот ѕид“, што може да ја доведе во опасност одржливоста на проектот на долг рок. Проектот „ризикува да ја изгуби својата панеафриканска визија и амбиција“, беше забележано од списанието Nature во април. Парите течат премногу бавно, напорите на државите се потрошени.

Климатските настани лесно се организираат и постојано се појавуваат нови, лесно се даваат  гласни ветувања, а клучните параметри на финансирањето во проектот не се ни прецизирани: кој дел се заеми, кој грантови, кој дел од ветеното финансирање е веќе доделен или планиран, а што е  ново ветено. Се зборува за „недоверба“ меѓу Африканската унија и меѓународните донатори, но и за недостаток на верба во панеафриканските проекти од страна на некои лидери на континентот. Ризикот, велат тие, е дека Големиот зелен ѕид ќе стане Голема зелена градина со зелени ѕидови – мрежа на изолирани активности во мал број земји.

„Зошто не гледаме подобра имплементација? Не е така. Не треба да се фокусираме на процентите“,  вели Елвис Пол Тангам .

Според него, на меѓународно ниво често не се разбира дека Големиот зелен ѕид не е проект со една, туку со 150 активности. „Мозаикот на активности“ не вклучува само садење дрвја, земјоделски култури, треви за пасишта. На самитот „Една планета“ во 2021 година беа  најавени  пет столба со различни приоритети, вклучително и изградба на инфраструктура. „Тоа можеби не е приоритет за самиот проект, но им е потребен на некои од земјите“, вели Тангам.

 „Над 60% од средствата“ за главните земји, вели, се обезбедени; Покрај тоа, продолжува тој, 2030 година не е крајната цел на проектот, туку едноставно важна средна станица на патот кон постигнување на целите на Африканската унија до 2063 година: 10 милиони квадратни километри зелена земја, далеку повеќе од Сахел (со други зборови, повеќе од половина на територијата на Русија)“.

Покрај останатото, земјите се навистина многу различни и тоа се гледа  од  мрежата на регионални организации во кои се членки. Еритреја, позната како репресивен режим, исто така е тактички сојузник на Русија во голем број меѓународни иницијативи, а е трета по обновената површина. Но, Африканската унија не се откажува од напорите за продолжување и развој на проектот. Целите за 2063 година се „деградацијата на земјиштето и опустинувањето да се запрат и процесот да се врати назад, така што шумите и вегетацијата ќе бидат обновени на нивоата од 1963 година“.

Но, пучот  во Нигер е последниот од ризиците. Ресурсите во земјите од Сахел кои можеле да одат за проектот сега се  пренасочени на друго место.Војната во Украина и руската блокада на пристаништата на Црното Море не само што ги зголемија цените на житото, туку и го лишија африканскиот континент извесно време од клучен снабдувач на храна. Ова го пренасочи вниманието на владите.

„Пандемијата несразмерно ги погоди луѓето кои заработуваат за живот од ден на ден“, вели  Тангем.  Многу семејства бараат алтернативи за повисоки приходи. Ова накратко влијаеше и на изградбата на Големиот зелен ѕид“.

Дали конфликтите – државните удари во Мали и Буркина Фасо (четири во последните три години) и воено-паравоениот судир што го потресе Судан во април – покажуваат недостиг на  политичка волја? За Тангем, овие епизоди кои навистина го забавуваат проектот (патем, Судан и претходно не беше стабилен), само покажуваат колку е императив да се дејствува.

 

„Тоа не може да се направи во услови на несигурност, конкуренција за ресурси и вода во овие земји и со нивната огромна зависност од животната средина“, вели Тангем за Мали и Буркина Фасо. „Воените удари во комбинација со продлабочувањето на несигурноста од џихадистичкото насилство, „го намали фокусот на државите“ на проектот поради хуманитарните потреби.  Активностите продолжуваат, но приоритетите се променети“, вели тој. Меѓутоа, на прашањето дали хунтите соработуваат, Тангем вели: „Тие се многу, многу вклучени. Можеби ќе има промена кон краткорочни и хуманитарни програми, но ние соработуваме“.

Дали оваа заложба е искрена, веројатно ќе се покаже во следниот извештај на ОН. До 2020 година Мали и Буркина Фасо обработија само 55.000 хектари, а само во Нигер бројката е десетпати поголема , но ефектите од државниот удар сè уште не се видливи таму.

Разговорот за миграцијата секогаш успева да го фокусира вниманието на Африка, но не и на причините поради кои милиони сакаат да побегнат.Фразата „недостиг на економски можности“ го поедноставува проблемот со губењето на земјоделското земјиште и со конфликтите. „Големиот зелен ѕид може да понуди дел од решението“, вели Елвис Пол Тангам.

„Прашината од Чад влијае на Амазон“, ја објаснува сликовито тој поврзаноста.  Притоа мисли на регионот Бодел во близина на езерото Чад, област чиј екосистем, преку Атлантскиот Океан, ја храни амазонската почва со вредни минерали. Сепак, овој екосистем  се промени и езерото Чад продолжува да се суши. Опустинувањето на Африка непроменливо влијае и на Европа, но пред се на милиони луѓе тука чии егзистенции се директно загрозени.

„Големиот зелен ѕид ќе има голем ефект врз сето ова. Надвор од конфликтите и политичките тешкотии, го гледаме светот како гори“, продолжува Тангем. „Како што рече генералниот секретар на Обединетите нации, ние се упатуваме кон тешко вриење. Јули беше најтоплиот месец досега, а Африка е несразмерно погодена“.

Каде ќе биде Големиот зелен ѕид во 2030 година, според очекувањата на самиот Елвис, Пол Тангам?

„Во рок од 7-8 години ќе видиме сериозна имплементација.Верувам дека овие безбедносни предизвици само покажуваат колку се важни климатските промени“. Размислува за тоа и додава: „Ако сакате проценти, се надевам дека ќе дојдеме до 10-20% имплементација“.