Аеродромот „Бен Гурион“ близу Тел Авив затворен за летови откако остатоци од ракета паднаа во негова близина


Остатоци од ракетата испукана од јеменска територија против Израел денеска се пронајдени во областа на аеродромот „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив, објавија светските агенции, повикувајќи се на соопштение од Израелските одбранбени сили. 

„Откако беше издадена воздушна тревога во неколку области на Израел, беа направени неколку обиди за пресретнување на ракета испукана од Јемен. Паѓање (остатоци) имаше во областа на аеродромот „Бен Гурион“, се вели во соопштението. 

Војската додаде дека е започната истрага. 

Израелската полиција подоцна соопшти дека аеродромот „Бен Гурион“ е затворен за полетување и слетување на авиони. Полициската прес-служба прецизираше дека областа на аеродромот ќе остане затворена додека не се исчисти местото. 

Јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, кои контролираат големи делови од Јемен, континуирано испукуваат ракети кон Израел во солидарност со палестинскиот народ во Појасот Газа, потсетува ДПА.