АЕК ги утврди правилата за „роаминг како дома“, што ќе важат од 1 јули следната година
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ги донесе потребните прописи за домашните оператори кои треба да бидат дел од идната регулација за роаминг услугите помеѓу земјите од Западен Балкан што треба да се применуваат од 1 јули следната година од кога цените за разговори и користење податоци помеѓу шесте држави целосно ќе се укинат.
По спроведената јавна расправа во изминатиот период АЕК донесе Одлука за утврдување на максималните цени на услугите во роаминг во јавни мобилни комуникациски мрежи, како и Правилник за политики на фер користење и проценка на одржливоста на укинувањето на дополнителните надоместоци за регулирани малопродажни услуги во роаминг. Тие документи во голем дел ги содржат одредбите и упатствата на Европската комисија и Европското тело на регулатори за електронски комуникации (БЕРЕК).
Со Правилникот се уредуваат детални правила со кои ќе се обезбеди доследно спроведување на политиките за фер користење кои операторите може да ги применуваат врз потрошувачката на регулираните малопродажни роаминг услуги. Исто така, се уредуваат и детални правила за барањето на операторите кои обезбедуваат роаминг услугите да добијат одобрување за примена на дополнителен надомест за роамингот, со цел да се обезбеди одржливост на нивниот домашен модел на наплата. Се уредува и методологијата што Агенцијата треба да ја применува при процена дали операторот кој обезбедува роаминг услуги не е во можност да си ги поврати трошоците од обезбедувањето на регулираните роаминг услуги, како последица на што ќе се наруши одржливоста на неговиот домашен модел на наплата.
Како што стои во Одлуката што се однесува за максималните малопродажни цени, од 1 јули следната година, операторите на јавни мобилни комуникациски мрежи во државава за роаминг услуги не можат да применуваат дополнителни надоместоци на домашните малопродажни цени за обезбедување регулирани малопродажни услуги во роаминг.
Oператорите може да применуваат политики за фер користење во однос на трошењето на регулираните малопродажни услуги во роаминг со еднакви цени на домашните малопродажни цени со цел да се заштитат од злоупотреби и невообичаена употреба на регулираните малопродажни услуги во роаминг, во согласност со Правилникот за фер користење и одржливост.
Во специфични и исклучителни околности, во насока на обезбедување одржливост на домашниот малопродажен модел на наплата, доколку операторот кој што ги обезбедува регулираните малопродажни услуги во роаминг не може да ги поврати вкупните реалните и проектирани трошоци од обезбедување на регулираните роаминг услуги, од вкупните реални и проектирани приходи од обезбедувањето на овие услуги, тогаш може да побара од Агенцијата одобрување за наметнување дополнителен надомест на регулирани малопродажни услуги во роаминг. Тој дополнителен надомест треба да се применува само до онoј степен кој е неопходен за да се повратат трошоците од обезбедување на регулираните малопродажни услуги во роаминг, земајќи ги во предвид применливите максимални големопродажни надоместоци согласно Одлуката на АЕК.
Според одлуката, операторите нема да применуваат никакви дополнителни надоместоци за дојдовните регулирани СМС пораки во роаминг или за дојдовни пораки за говорна пошта во роаминг. Ова не се однесува за надоместоците на другите услуги, како што се тие за преслушување на таквите пораки.
Наплатата на дополнителниот надомест за регулираните појдовни или дојдовни повици во роаминг треба да бидат по секунда. Операторот може да примени почетен минимален период на наплата кој не надминува 30 секунди за регулирани појдовни повици во роаминг. Наплатата на дополнителниот надоместок за регулирани услуги за пренос на податоци во роаминг треба да биде на основа на килобајт, освен за ММС пораки каде основата за наплата може да биде по единица. Во таков случај надоместокот кој што операторот може да го наплати од претплатникот за пренос или прием на ММС порака во роаминг не треба да ја надмине максималната регулирана малопродажна цена за пренос на податоци, стои меѓу останатото во Одлуката, за која може да се поднесат жалби до 11 следниот месец.
Операторите може да понудат, а претплатниците да прифатат цени за роаминг услуги различни од оние на регулираните малопродажни роаминг услуги што се дефинирани во Одлуката. Во овој случај операторот треба да го информира претплатникот за предностите од користењето на овие цени за роаминг услугите како и можностите кои што нема да ги искористи доколку би користел роаминг услуги по регулирани цени. За регулираните повици во роаминг нема да се наплаќа надомест за воспоставување повик. Ако постои надомест за воспоставување повик во домашните малопродажни тарифи, овој надомест нема да се наплаќа во регулираните малопродажни цени во роаминг.
Регионалниот договор за роаминг беше потпишан во април годинава во Белград во рамки на Вториот дигитален самит на земјите од Западен Балкан. На 1 јули годинава цените беа намалени за 27 проценти. На тој датум се одржа и состанок на министрите задолжение за дигитализација во регионот, Советот за регионална соработка и Европската комија и беше донесена одлука регулаторите и телекомуникациските оператори треба да подготват мапа за следни чекори и рокови за укинување на цените во роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската унија.