Администрацијата на Трамп размислува да ја стави УСАИД под контрола на Стејт департментот
Администрацијата на претседателот Трамп презема чекори за да ја стави американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) под контрола на Стејт департментот, што би претставувало значајна реформа на начинот на кој Вашингтон ја доделува странската помош, пишуваат британските медиуми, повикувајќи се на два упатени извори.
Извор на Ројтерс изјаби дека американскиот Совет за национална безбедност неделава организираше дискусии токму на оваа недела, но посочи дека се уште не се донесени конечни одлуки.
Минатата недела, администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја суспендираше американската странска помош, објаснувајќи дека спроведува ревизија за да се осигура дека помошта од десетици милијарди долари е во согласност со доктрината на надворешната политика на Трамп „Америка на прво место“ и дека не е губење пари на даночните обврзници.
Еден извор рече дека Белата куќа ги испитува правните овластувања што Трамп би можел да ги искористи за да издаде извршна наредба со која се става крај на независноста на УСАИД и дека може таквата наредба да ја потпише уште ноќеска или денеска.
Не е јасно дали Трамп има законско овластување да го заобиколи Конгресот и да издаде извршна наредба за спојување на УСАИД со Стејт департментот, пренесуваат британските медиуми.
Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, цитирајќи ги „гласините“ дека Трамп планира да ја распушти УСАИД како независна агенција, на X објави дека таквиот потег би бил „нелегален и против нашите национални интереси“.
Фотографии од канцелариите на УСАИД покажуваат дека плочите со официјалниот жиг на агенцијата се отстранети, што е знак дека веќе се работи на спојување со Стејт департментот.
Изворот рече дека во дискусиите учествувале и претставници на новоформираното Министерство за ефикасност на владата, на чие чело е милијардерот Илон Маск и дека тие оваа недела често го посетувале седиштето на УСАИД во Вашингтон.
Во текот на 2023 година, САД одвоија 72 милијарди долари ширум светот како дел од различни програми за помош.