Администрацијата на Трамп предлага прекин на финансирањето на мировните мисии на ОН


 Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предлага да се прекине финансирањето на мировните мисии на ОН, објави Ројтерс, повикувајќи се на внатрешен документ што го видела, јави БТА.

Мотивот се проблеми и неуспеси во работењето на мисиите во Мали, Либан и Демократска Република Конго.

Вашингтон најмногу придонесува во буџетот на ОН, заедно со Кина, која е на второто место. Американскиот придонес сочинува 22 отсто од буџетот на ОН од 3,7 милијарди долари и 27 отсто од буџетот од 5,6 милијарди долари за мировни операции. Овие плаќања се задолжителни.

Мировниот буџет на ОН финансира девет мисии – во Мали, Либан, ДР Конго, Јужен Судан, Западна Сахара, Кипар, Косово, меѓу Сирија и Голанската висорамнина окупирана од Израел и во Абјеи, административна област што заеднички ја администрираат Судан и Јужен Судан.

Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик одби да ги коментира информациите, кои се дел од внатрешна дебата и во оваа фаза едноставно беа објавени во медиумите.