Администрацијата да „вика“ за да се намали корупцијата

Дали доделувањето станови или деловни простории од страна на градежните компании на лица што се вклучени во доделување одобренија за градба и измени на детални урбанистички планови не е корупција во градежништвото? Дали бесплатното учество на докторите на симпозиуми, конференции за промоција на нови лекови или техники во медицината, кои паѓаат на товар на фармацевтските компании, не е корупција во здравството? Дали бесплатното патување на наставниците на ученичките екскурзии што се организираат во основните и средните училишта, што ги даваат туристичките агенции, не е корупција во образованието?

Овие прашања ги постави Катица Николовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на конференција за интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис сектор, проект финансиран од ЕУ, сакајќи да предочи дека ништо од ова не е бесплатно затоа што на овој или оној начин тоа го плаќаат граѓаните, преку зголемени цени на становите и деловниот простор, поскапите здравствени услуги и ученичките екскурзии. А повисоките трошоци за корупција кај бизнисот значат помали вложувања, помалку работни места, помал раст на продуктивноста, помал раст на приходите, што заедно дава слика на сиромашна држава.

Таа побара од медиумите, преку својата независност и истражувачка улога, да придонесат во борбата против корупцијата, преку јакнење на сензитивноста на јавноста за секоја појава на корупција, како во стопанството така и во сите јавни дејности. Зашто, корупцијата е тешка болест која го попречува владеењето на правото, демократијата и остварувањето на човековите права, рушејќи ја стабилноста на институциите и со тоа главните столбови на општеството. Граѓаните и бизнисот, во отсуство на систем на вредности и систем на интегритет, сè повеќе ја прифаќаат корупцијата како начин за остварување на своите цели.

„Според Индексот за перцепција на корупција за 2018, од 180 земји Македонија е рангирана на 93. место. Заедно со Гамбија, Гвајана, Косово, Монголија и Панама откако од 64. место во 2014 година, во 2017 година падна на 107. место. Една од причините поради која корупцијата е голем проблем можеби е рамнодушноста дека ништо не може да се преземе околу тоа. Корупцијата во јавниот сектор подразбира политичка корупција, корупција во владини агенции и органи на управување (полиција, царина), корупција во постапките за доделување на јавни средства преку концесии, дотации, субвенции и вработување“, потсети Николовска.

Државната комисија за спречување на корупција за помалку од 4 месеци отворила 276 предмети. Еден од ангажманите на Комисијата е преиспитувањето на регулативата за постапките за вработување, зашто важечката не обезбедува избор на најдобрите кандидати.

 

„Утврдивме значајни слабости во системот на вработување во јавниот сектор, како на пример: се вршат промени во актите на систематизација, со што се креираат работни места или се менува видот на потребното образование непосредно пред објавување на огласите. Потребниот вид образование најчесто зависи од образованието на лицето што треба да се вработи. Се вработуваат лица преку агенции за привремени вработувања за кои не се вршат проверки дали поседуваат потребно образование и искуство, зашто најчесто до агенциите се доставуваат списоци на лицата што треба да се ангажираат. Не се утврдени критериуми за евалуација на личните и стручните квалификации на кандидатите ниту има практика за изготвување на ранг-листи. Изборот кое лице ќе се вработи во најголем дел зависи од директорот, поради што има случаи кога најдоброрангираните не се избрани, туку некој 10. или 15. рангирани. Одбиените кандидати добиваат само известување дека се одбиени, без можност да се жалат ниту да користат каков било друг правен лек“, посочи Николовска.

Ваквите вработувања имаат директно влијание врз бизнисот и се битно поврзани со спречувањето на корупцијата.

„Наместо да објаснам, ќе прашам: Какви ќе беа услугите од државните институции кон граѓаните и бизнис секторот доколку на секое работно место е вработено компетентно лице, со најмногу освоени поени поради соодветно образование, искуство и вештини? Секако навремени, целосни и проактивни. Дали ќе биде потребно да се дава мито на компетентно лице за навремено да се заврши работата? На кој начин може да се сруши интегритетот на тоа лице кое своите успеси ги должи само на сопствениот труд и ангажман? Дали интересите на други лица можат да ги доведат во прашање неговиот углед и интегритет? Секако, постои ризик, но дефинитивно, ќе биде многу потешко“, рече Николовска, додавајќи дека подобрувањата на регулативата во делот на постапките за вработување ќе значат и забавување на иселувањето на млади лица, кои јасно кажуваат дека не сакаат да прифатат начин на живот кој зависи од волјата на функционерите.

Барање на Комисијата за спречување на корупцијата до бизнис секторот е да не ги охрабруваат вработените во јавната администрација со подароци за да си ја завршат работата за која граѓаните со нивниот доход обезбедуваат плати. Ниту да ги охрабруваат директорите, судиите, инспекторите, градоначалниците и министрите со мито, затоа што нивната плата ја обезбедуваат, исто така, граѓаните.

Иако сите очи на јавноста се свртени кон Државната комисија за спречување на корупција, како блескав пример за борба против корупцијата, како што рече министерката за правда Рената Дескоска, не треба во напорите таа да биде оставена сама.

„Нашите напори се насочени кон донесувањето на новиот закон за јавно обвинителство кој ќе ни овозможи, органот што покажа исто така блескави моменти како ДКСК да го направиме траен орган во системот што ќе има ефикасни надлежности кон сите носители на јавни функции. За жал, немаме позитивни вести за носењето на законот за јавното обвинителство“, рече Дескоска.

Министерот за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски се пофали дека за една година Владата успеала од последна во регионот според отвореност на институциите, да стане регионален лидер по транспарентност на институции. Поповски рече дека не сака да се сфати како оправдување, но укажа дека огромен проблем е односот на административците кои треба технички да го одработат она што од нив го бараат раководителите, од аспект на информации.

„Наоѓаат милион изговори да не дадат информација. Дури ни да се достави и до колега. Навика на администрацијата е да молчи. Ако може нешто да се скрие. Да не излезе во јавност“, кажа Поповски, според кого притисокот на јавноста е тој што ја зголемува транспарентноста, а со тоа и заштедата на државни пари.

Потранспарентни државни претпријатија – помала корупција

Во државата има 142 државни претпријатија, од кои 127 со статус на јавни претпријатија и 15 АД во државна сопственост. Во 2017, нивните приходи изнесувале 800 милиони евра, што е околу 8 проценти од БДП. И 28.000 вработени.

„Тие се извор на голема економска и политичка моќ  на владејачките структури и на партиите на власт. И за жал, оваа моќ, сме сведочеле, често пати била предмет на злоупотреби наместо на користење на ресурси во корист на граѓаните“, посочи Сабина Факиќ, од Центарот за граѓански комуникации.

Затоа е битно зголемувањето на транспарентноста и отчетноста на претпријатијата во државна сопственост со цел да се натераат да работат со што поголем интегритет и помали ризици од корупција. Бидејќи, ставајќи ги своите резултати на увид на јавноста, ќе овозможат таа да суди дали тие работат добро. Но, паралелно со зголемувањето на транспарентноста на јавниот сектор, предизвик во борбата против корупцијата е и подигнувањето на свеста на граѓаните да прашуваат, да бараат информации од институциите, затоа што таа е исклучително ниска.

Анита Салтировска