САД сакаат веднаш по прекинот на војната во Украина да се одржат избори
Вашингтон– САД сакаат да се одржат избори во Украина, потенцијално до крајот на годината, особено доколку Киев во следните месеци успее да договори примирје со Русија, изјави специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија, Кит Келог.
Во интервју за Ројтерс, тој рече дека украинските претседателски и парламентарни избори, суспендирани за време на војната со Русија, „треба да се одржат“.
-Повеќето демократски нации имаат избори во време на војна. Мислам дека е важно да го направат тоа. Мислам дека е добро за демократијата. Тоа е убавината на робусната демократија, потенцијално имате повеќе од една личност, рече Келог.
Трамп и Келог претходно изјавија дека работат на план за постигнување договор за завршување на војната во првите неколку месеци од новата администрација.
Планот на Трамп сè уште се развива и не се донесени никакви политички одлуки, но Келог и други претставници на Белата куќа во последните денови разговараа за согласноста на Украина за избори како дел од првичното примирје со Русија, објавија британските медиуми, цитирајќи извори запознаени со ова прашање.
Претставниците на Трамп, исто така, дебатираат дали да инсистираат на првичен прекин на огнот пред да се обидат да постигнат потрајни договор, изјавија двајца претставници запознаени со разговорите на администрацијата на Трамп.
Доколку се одржат претседателски избори во Украина, победникот би можел да биде одговорен за преговорите за долгорочен договор со Москва, наведуваат изворите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина може да одржи избори оваа година доколку борбите завршат и се воспостават силни безбедносни гаранции за да се одврати Русија од обновување на непријателствата.
Висок советник во Киев и извор од украинската Влада изјавија дека администрацијата на Трамп сè уште официјално не побарала од Украина да се одржат претседателски избори до крајот на годината.
Петгодишниот мандат на Зеленски требаше да заврши во 2024 година, но претседателските и парламентарните избори не може да се одржат во вонредна состојба, што во Украина се воведе во февруари 2022 година.
Вашингтон го покрена прашањето за избори со високи функционери во канцеларијата на Зеленски уште во 2023 и 2024 година за време на претходната администрација на Џо Бајден, изјавија двајца поранешни високи американски функционери.