А сега, економијата е на ред

Не треба да се заборави дека состојбите во економијата од ден во ден се влошуваат (не само кај нас, туку во цела Европа) и го доведуваат во прашање опстанокот на стотици фирми и илјадници вработени


Деновиве, кога зад нас е еден тежок и мачен период во кој во преден план беа докажувањата (и обвинувањата) кој е патриот, а кој предавник, време е конечно фокусот да се стави на економијата – на проблемите на компаниите и на граѓаните кои бараат итно решавање.

Би било преоптимистички да се очекува дека наредните месеци поделбите кои еруптираа едноставно ќе исчезнат, откако заврши една етапа во процесот за интеграција во ЕУ – впрочем, претстои постапка за уставни измени што повеќе од сигурно дополнително ќе ја вжешти атмосферата во земјава. Но, не треба да се заборави дека состојбите во економијата од ден во ден се влошуваат (не само кај нас, туку во цела Европа) и го доведуваат во прашање опстанокот на стотици фирми и илјадници вработени.

Само кусо резиме за изминатите седум и кусур месеци од годинава – инфлацијата во јуни достигна повеќегодишен рекорд од 14,5 отсто, а само во тој месец трошоците за живот (преку кои се мери инфлацијата) беа повисоки за 2,8 отсто. Ова придонесе реалниот раст на платите во овој период да биде блиску до нула или негативен, што значи дека и покрај нивниот номинален раст, со повеќе пари можеше да се купи исто или помалку од претходно.

Ова е нова состојба за генерации помлади граѓани во земјава кои практично израснаа без да се соочат со ваков пораст на цените. Нешто што постарите генерации го паметат и знаат што значи кога ќе се отвори незапирливата спирала цени и плати, при што поразениот однапред се знае – тоа е животниот стандард.

Во првиот квартал годинава економскиот раст беше скромни 2,4 отсто, еден од најниските во регионот, а и изгледите за до крајот на годинава не се многу розови – според најновата анализа на нам добро познатиот Виенски институт за меѓународни економски студии, Македонија годинава може да смета на раст на БДП од само 1 отсто при раст на инфлацијата од 11,9 отсто. Во нивните Летни економски прогнози ова е надолна ревизија за растот на БДП од 1,5 процентни поени, најмногу меѓу анализираните 25 земји од Централна и Југоисточна Европа.
Доволно да се запали алармот, а уште повеќе ако се има предвид дека сите прогнози од релевантни странски и домашни институции и реномирани економисти најавуваат тешка и неизвесна зима.

За волја на вистината, економските мерки не беа целосно запоставени – тие во континуитет се носат и се ажурираат. Деновиве беше донесен и ребалансот на Буџетот за годинава во кој приходите и расходите на државата до крајот на годинава се приспособуваат на новите (не)прилики во економијата. Но, во него и натаму остануваат долгогодишните структурни слабости – најголемиот дел од приходите се наменети за исплата на плати, надоместоци, социјални трансфери, помош на пензиските фонд и слични расходи, а многу помалку кон она што може да ја повлече економијата на пред – капиталните расходи. Навистина, во обем тие се на рекордно ниво до сега, не недостигаат и крупни инвестициски проекти („вечната“ пруга кон Бугарија, гасификацијата…), но клучната дилема е дали институциите имаат капацитет да ги реализираат предвидените проекти. Ако се суди според повеќегодишната практика – тоа тешко ќе се постигне.

Деновиве од Стопанската комора алармираа дека стопанствениците, особено оние од поголемите компании, заспиваат и се будат со една мисла – цената на струјата. За разлика од домаќинствата и малите потрошувачи, поголемите компании електричната енергија ја набавуваат од слободниот пазар, а таму состојбите, благо кажано, се драматични – кон средината на јули, таканаречените спот цени се движеа околу 400 – 500 евра за мегават час, а прогнозите за есенските и зимските месеци се уште подраматични.

Македонската енергетска асоцијација излезе со цел сет барања за конкретни мерки кои очекува да наидат на разбирање кај Владата и да бидат реализирани. Прашање е меѓутоа колкав ќе биде просторот на Владата да ги задоволи таквите барања, со оглед на ограничените буџетски можности и нараснатите други потреби да се гасат економски пожари. Дали ќе бидат доволни предвидените 76 милиони евра за ликвидност на компаниите и за поддршка на граѓаните? Многумина мислат дека тоа е премалку.

Мерките кои ги предлагаат стопанствениците се насочени главно кон зајакнување на домашното производство, но истовремено има и резерви дали државната ЕСМ ќе има капацитет да го исполни ветеното или она што се очекува од неа.

Не е прв пат политичката ситуација да ги стави горливите економски прашања во втор или трет, четврт план.

Состојбата е драматичната и во Европа, нашиот главен трговски партнер. Многу работи во домашната економија се посреден одраз и на состојбите таму (инфлацијата, синџирите на снабдување, нашите главни економски партнери…).

ЕУ се подготвува за најцрното сценарио. Европската комисија излезе со планот „штедете гас за безбедна зима“ кој предвидува намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто од 1 август годинава до 31 март 2023 година. Процените се дека целосниот прекин на испораките на руски гас во Европа во комбинација со студената зима би можел да го намали просечниот БДП до 1,5 отсто доколку земјите-членки не се подготват однапред за сите сценарија.

Кај нас, барем јавно, нема такви анализи и проценки, а ниту некои поконкретни мерки, кои би можеле да ја превенираат состојбата.

Затоа и не чуди ставот кој јавно беше искажан во Комората дека Владата нема конципирано политика за прашањето за скапите енергенти, дека доцни заради политичките прашања, кои што се поприоритетни како многу пати до сега.

Можеби постојните разговори што се водат меѓу Владата и стопанствениците ќе ја променат ваквата перцепција. Тоа ќе го дознаеме многу брзо, можеби уште деновиве. Во секој случај, потребни се сериозни мерки за да им се помогне на компаниите, а со тоа и на вработените да ја пребродат ситуацијата.

Но, ако се има предвид дека токму отсуството на соодветни мерки во право време придонесе во периодот од 1993 до 2021 година, просечно годишно, реалниот раст на бруто домашниот производ да изнесува само 1,7 отсто, а јавниот долг од 23 отсто во 2008 година да достигне 54,9 отсто во март 2022 година, тогаш маневарскиот простор за „чудотворен лек“ сега е многу помал.