„Луфтханза“ отпушта 1.000 работници од двата најголеми германски аеродрома
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ објави укинување на 1.000 работни места со полно работно време на аеродромите во Франкфурт и во Минхен. Одлуката е последица на финансиските загуби на „Луфтханза ерлајнс“, авиокомпанија што работи под името „Луфтханза“ и е дел од поголема група која вклучува и превозници како „Свис“ и „Аустриан ерлајнс“.
„Луфтханза ерлајнс“ забележа просечна месечна загуба од 20 милиони евра од јануари до септември оваа година, според интерно писмо до вработените, пишува „Еуроњуз“. Штрајковите на пилотите и кабинскиот персонал и наглиот пораст на цените на горивата од почетокот на војната во Иран се наведуваат како причини за бавното закрепнување на компанијата.
Иако планот за реструктуирање од 2024 година предвидува повеќе од 700 мерки за зголемување на заработката за 2,5 милијарди евра до 2028 година, менаџментот предупредува во писмото дека најавените чекори повеќе не се доволни.
„Годината 2026 година нè врати назад. Војната на Блискиот Исток, сѐ уште многу високите трошоци за гориво, деветдневниот штрајк и нашата веќе висока база на трошоци дополнително ја влошија ситуацијата“, се наведува во писмото на компанијата.
Досега не е потврдено дали тие 1.000 работни места, кои сочинуваат околу 2,5 проценти од вкупно 40.000 вработени во главната авиокомпанија на „Луфтханза“ се дел од претходно објавениот план. Групацијата „Луфтханза“ минатата година објави дека има намера да укине 4.000 претежно административни позиции до 2030 година.