Изложба во Скопје: Светлана Христова – Јоциќ, неповторлива естетика на духот и зборот


Светлана Христова-Јоциќ беше поезија  и кога не пишуваше. Имаше свој, неповторлив свет на зборови, мисли, чувства. Нејзината поезија беше уникатна, но уникатна беше и самата таа – со својот изглед, моден израз, став и појава. Жена која не следеше стилови, туку создаваше свој.  Во неа имаше нешто автентично, урбано, а длабоко вкоренето во Македонија, во нејзиниот дух, убавина и културна меморија.

Оние што ја познаваа лично, како јас, знаат дека зад нејзината особеност стоеше прекрасна душа.Беше луцидна, духовита, интелегентна, со широчина на духот и топлина што не се заборава.Жена со кој разговорот и дружбата секогаш беа доживување.

За читателите и критиката и колегите таа беше инстутуција на пишаниот збор. За великанот на пишаниот збор Петре М. Андреевски – Дениција. Нејзината појава беше продолжение на нејзината поезија, а нејзиниот стил  уште еден начин на кој го изразуваше својот неповторлив идентитет.

Изложбата во Скопје, синоќа отворена во Музејот на македонската борба за самостојност, го расветлува  нејзиниот живот како поетеса, есеист, раскажувач, писател за деца и муза, како потсетување дека  некои луѓе не заминуваат со своето физичко отсуство. Остануваат во стиховите, во сликите на нејзиниот син Сергеј Андреевски, во сеќавањата, во архивите , во културниот прстор што го збогатиле.

Светлана не беше само автор на поезија. Таа беше сопствена естетика, свој свет. И токму затоа – неповторлива.

Авторот на изложбата Ана Китановиќ, кустос, синоќа, преку изложениот материјал потсети на еден богат книжевен живот, за трајната вредност на нејзиниот пишан збор и за авторката која остави длабока трага во македонската литература како претставник на втората генерација македонски книжевници.

Изложбата за првпат пред пошироката јавност ја презентира официјалната донација на лични предмети од семејството Андреевски, овозможувајќи им на посетителите поблиску да се запознаат со животот и работниот амбиент на истакнатата поетеса.

Светлана Христова-Јоциќ (1937–2012) зад себе остави опус од над 20 книги. Таа беше долгогодишен новинар и уредник во Радио Скопје, секретар и претседател на Друштвото на писателите на Македонија, член на Македонскиот ПЕН-центар, главен уредник на ревијата „Стожер“ и списанието „Портал“, како и иницијатор на значајната меѓународна манифестација „Македонски духовни конаци“.

Изложбата е поддржана во годишната програма на Министерството за култура и туризам за 2026 година, а ќе биде поставена по постојаната поставка на музејот.

 
 
 
Фото: Сашенка Тодоровска