Руските супербогаташи веќе ја замислуваат иднината по Путин


Владимир Путин (Фото: АП)

Неколку часа по почетокот на целосната инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година, Владимир Путин ги собра најбогатите луѓе во Русија во пространата „Екатерининска сала“ во Кремљ.Повеќе од триесетина од нив седеа збиени покрај еден ѕид, носејќи заштитни маски поради пандемијата на ковид. Еден новинар од руски весник ги опиша како „бледи и ненаспани“. При влегувањето, Путин седна на спротивната страна од салата, создавајќи огромен простор помеѓу него и бизнисмените. Како и обично, тој не носеше маска. Користејќи го својот карактеристичен, прикриен јазик, тој рече дека очекува тие да ја поддржат војната.

„Би сакал да ве повикам да покажете разбирање за она што се случува“, рече тој, „и да соработувате со владата за да пронајдете механизми што ќе ги поддржат производството, економијата и работните места.“

Во видеото од средбата, објавено од Кремљ, ниту еден од поканетите милијардери не проговори ниту збор.

Тој молк стана карактеристика на руските супербогаташи. Во текот на децениите на владеењето на Путин, тие научија дека цената за јавно изразување на своето мислење може да биде висока. Во 2003 година, нафтениот магнат Михаил Ходорковски – во тоа време најбогатиот човек во Русија, кој финансираше повеќе опозициски групи – го обвини Путин дека дозволува неконтролирана корупција. Тој ги помина следните 10 години зад решетки, откако беше осуден за затајување данок, измама и проневера – што послужи како предупредување за другите потенцијални критичари. Тој ги негираше обвиненијата.

Молчењето на руските бизнисмени на самитот во Кремљ со Путин во 2022 година, можеби го покажа нивниот страв од претседателот.И дури и ако некој од тајкуните имал забелешки за војната, тие главно ги задржуваа своите размислувања за себе.

Но, дури и во тој молк, се слушаат шепотења: некои припадници на некогаш моќната руска деловна елита како да размислуваат за Русија по Путин. Тие се прашуваат дали, откако претседателот ќе ја напушти функцијата или ќе почине, земјата би можела повторно да наликува на онаа од 1990-тите, кога олигарсите ги уживаа плодовите на моќта – или, пак, дали можеби ќе се појави поздрава политичка клима.

Новинарот Аркадиј Островски, истакнат аналитичар на случувањата во Кремљ за весникот „Економист“ (The Economist), кој неодамна помина часови во интервјуирање на еден од најбогатите луѓе во Русија, вели дека чувствува оти се случува „историска, политичка промена“ во однос на тоа како ултрабогатите ја гледаат иднината на земјата.

Немирни тајкуни

Распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година изроди нова, моќна сила на домашната сцена: луѓе кои го искористија крајот на комунизмот за да се стекнат со огромно богатство, а потоа се обидоа да ги контролираат политичарите за сопствена корист. Тие беа наречени „олигарси“ – термин што потекнува од старогрчкиот јазик и означува „неколкумина што владеат“. Тие поседуваа пари, што во тоа време значеше и моќ.

Во оваа ера на „дивите 90-ти“ на сцената се појавија таканаречените „нови Руси“. Големи државни компании станаа достапни за преземање, а поединци со соодветни врски станаа милионери – па дури и милијардери – речиси преку ноќ. Корупцијата беше сеприсутна, непотизмот и фаворизирањето на блиски луѓе зедоа замав, а нарачаните убиства станаа честа појава. Но, речиси веднаш откако Путин за првпат беше избран за претседател во 2000 година, тој ги потчини олигарсите. Тој немаше голем интерес да ја дели власта со кој било друг. Можеше да си дозволи да им се спротивстави на милијардерите бидејќи руската економија застануваше на нозе, а централната власт стануваше сè посилна.

Бил Браудер, финансиер кој некогаш беше најголемиот странски инвеститор во Русија, а кому во 2005 година му беше забранет влезот во земјата откако водеше кампања против корупцијата, вели дека руските тајкуни се повлекувале и се „свиткувале“ пред Путин – на пример, на Економскиот форум во Давос, во годините пред војната, кога сè уште беа добредојдени таму.

„Се сеќавам како олигарсите шетаа наоколу однесувајќи се како да се сопственици на сè – крајно арогантни и самоуверени поединци. А, потоа се појави Путин, и беше навистина неверојатно да се види како тие, наводни ’алфа-мажјаци на стероиди‘, се претворија во целосно потчинети, речиси очајни ученици“, вели тој за Би-Би-Си.

Од почетокот на војната во 2022 година, Кремљ ги држи богатите руски бизнисмени под контрола преку безмилосна политика на „морков и стап“. На критичарите на војната им е запленет имотот, додека лојалните се наградени со профитабилни државни договори поврзани со војната. Денес има повеќе руски милијардери од кога било (вкупно 155, според списанието „Форбс“). Нивното вкупно богатство достигна рекордно ниво од речиси 700 милијарди долари (525 милијарди фунти). Но, дури и за оние тајкуни кои останале лојални и биле наградени, сите тие пари, се чини, не ги прават среќни. Некои од нив стануваат немирни.

Автократија, олигархија или демократија?

Нивните милијарди веќе немаат толкава моќ како порано: во самата Русија, со нив не можат да купат значително политичко влијание.

„Тие немаат адути, немаат никаква игра“, вели Дмитриј Некрасов, политичар во егзил и аналитичар. „Тие се богати затоа што се поврзани со Путин, а не обратно.“

А, надвор од Русија, тие се изолирани поради западните санкции воведени кон Русија по нејзината целосна инвазија.

„Кон нив се однесуваат како кон ситни криминалци. Не можат да летаат со своите приватни авиони. Нивните јахти не можат да се закотват во најдобрите пристаништа во Европа. Тоа сигурно е многу ужасно и понижувачки за нив“, вели Браудер, познат критичар на Путин.

И така, тивко, некои од нив почнуваат да размислуваат за тоа што ќе се случи откако Путин ќе си замине од сцената. Засега нема најави за заминување на претседателот, ниту пак има причини да се верува дека тој има здравствени проблеми. Но, Путин, кој минатиот месец наполни 74 години, е на власт во Кремљ веќе четвртина век; луѓето во Москва знаат дека еден ден тој ќе си замине. Кога минатата година новинари од „Ројтерс“ го прашаа дали планира да остане на власт до 2036 година – кога, технички гледано, му истекува уставниот мандат – Путин одговори: „Само Бог знае дали ќе мè служи здравјето“.

Доколку Путин поднесе оставка или почине додека е на функција, неговото место би го зазел премиерот Михаил Мишустин. Сепак, Мишустин досега не покажал никакви претседателски амбиции (што веројатно е и клучната причина поради која бил назначен). Ваквата ситуација би создала еден вид вакуум во власта.Во такво сценарио, експертите за Русија предвидуваат неколку можни развои на настаните.

Некои на Запад, а несомнено и во самата Русија, се надеваат дека во Русија по ерата на Путин би можела да процвета демократијата – со власт што ја предводи народот, наместо нова група олигарси или еден автократ. Сепак, според аналитичарите, ова е најмалку веројатното сценарио. За време на владеењето на Путин, клучните демократски институции беа поткопани или целосно уништени.

„Русија е толку навикната на насилство, што веќе не знае како функционираат стандардните демократски процедури“, вели Александра Прокопенко, руска новинарка и аналитичарка која живее во егзил.

Друга можност е зајакнување на автократијата. Некоја друга личност би можела да го замени Путин и да ја продолжи неговата политика на репресија. Сепак, Прокопенко смета дека тоа нема да биде диктатура на еден силен лидер – барем не веднаш. За вакви работи е потребно време, вели таа: во почетокот, наследникот на Путин би бил послаб од него и би располагал со помалку ресурси.

Постои и трета можност: тајкуните повторно да ја зацврстат својата моќ, а Русија да се врати на систем што наликува на олигархијата од 1990-тите години. Дмитриј Некрасов, поранешен советник во Кремљ и опозициски политичар кој сега живее во егзил, вели дека во вакво сценарио, со земјата би управувале неколку моќни елитни кланови, во сојуз со деловни интереси.

Оваа последна опција, се разбира, е онаа што ја посакуваат многу тајкуни. „Тие би сакале да се вратат во времето кога нивното мислење се почитувало, кога не им биле одземани имотите и кога ги разбирале правилата на играта“, вели Прокопенко, која поминала многу време разговарајќи со најбогатите луѓе во Русија.

Иако нивната моќ е значително ограничена во споредба со 1990-тите, сепак вреди да се обрне внимание на тајкуните: со оглед на нивното огромно богатство, веројатно е дека порано или подоцна тие ќе се обидат повторно да го наметнат своето политичко влијание. Некои од нив веќе „се обидуваат да се спријателат со соодветните безбедносни функционери или министри“, вели Некрасов, политичарот во егзил. Но, тој додава дека какви било понатамошни чекори би биле „премногу опасни“.

Тој  вели дека однесувањето на тајкуните во наредните години делумно ќе зависи од нивните финансии. Оние што располагаат со многу готовина ќе бидат посигурни во себе за да „играат политички игри“ и да се борат за подобра позиција, подготвувајќи се за Русија по Путин. Но, оние чие богатство зависи од државни договори или од наклонетоста на владата, ќе чувствуваат преголем страв – од страв дека би можеле да изгубат сè, вели таа.

Прокопенко наведува дека веќе дошло до промена во начинот на кој бизнисмените зборуваат за Путин. Претходно го нарекувале „Началник“ (што значи „шеф“), „Првиот“, или пак со иницијалите „В.В.“ – прекари што изразуваат одредено ниво на почит. Сега го нарекуваат „Дедо“, што, според Прокопенко, содржи „доза презир“. „Дедо“ е израз што носи многу помалку почит.

Некои богати Руси копнеат по „враќање на политиката во животите на луѓето“, вели таа – со помалку репресија, послободен говор и поздрава конкуренција меѓу партиите и политичарите. Сепак, таа додава дека во моментов тие се премногу исплашени за да го остварат тоа, поради задушувачката атмосфера во Русија. Прокопенко разговарала со еден тајкун кој, за време на целиот разговор, физички седел врз својот телефон, верувајќи дека така ќе ѝ ја отежне дигиталната прислушувачка работа на тајната полиција.

„Тоа е страв од чисто сталинистички тип. Апсолутно е ирационален“, вели таа.

Интервју што предизвика бура

Интересен показател за тоа што тајкуните можеби очекуваат од иднината по Путин дојде од Андреј Мелниченко, познат како светски „крал на ѓубривата“ и моментално осмиот најбогат човек во Русија.

Претходно оваа година, тој ги изненади набљудувачите давајќи интервју за „Економист“ (The Economist) – потег што е реткост за богатите Руси, особено кога станува збор за медиум од земја што Кремљ ја смета за непријателска. Тие исто така објавија и есеј напишан од него. Во одредени делови од интервјуто, Мелниченко ги повторуваше ставовите што ги промовира Кремљ. Тој изјави дека Украина е бојно поле меѓу Русија и Западот, а смета и дека Западот ги игнорирал безбедносните грижи на Русија и ја загрозува нејзината сувереност.

Но, тука работите станаа уште поинтересни. Мелниченко не побара заминување на Путин, туку  се заложи за промена што би довела до крај на владеењето на еден човек во Русија. Тој рече дека на Русија ѝ е потребно поголемо поврзување со светот. Прокопенко смета дека тајкунот се обидувал да поттикне јавна дискусија. Според неа, тоа бил „повик до богатите луѓе, како него, да почнат да зборуваат“.

Новинарот што го интервјуираше, Аркадиј Островски, кажа дека двајцата воделе „напнати и вжештени разговори“ во „хотели и кафулиња, главно пиејќи кафе – многу кафе – а понекогаш и пушејќи“. Тој вели дека тајкунот, се чини, „навистина размислувал“ за своите одговори, наместо да користи политички манипулации или „спинови“.

Во Русија ништо не е едноставно, па повеќето набљудувачи сметаат дека интервјуто веројатно се случило со некаков вид одобрување – било премолчено или експлицитно – од страна на Кремљ. Не е јасно зошто властите би се согласиле да дозволат еден ваков необичен повик за промени; можно е да се обидувале да покажат дека во земјата сепак постои одреден степен на плурализам. Ниту еден тајкун не излезе јавно да го поддржи. Сепак, новинарот смета дека Мелниченко не зборувал само во свое име, туку и во име на своите колеги бизнисмени.

Некои тајкуни се чувствуваат отфрлени поради западните санкции; тие веќе не можат да летаат со приватни авиони ниту да ги посетуваат западните одморалишта, како што е Сен-Жан-Кап-Фера во јужна Франција – место кое некогаш било популарно меѓу богатите Руси.
Некои од нив се надеваат дека по заминувањето на Путин, земјата би можела да стане „олигархиска република“ – како што вели новинарот Островски – нешто слично на она што го видовме во 1990-тите, кога главниот збор го имаа деловните елити. Врз основа на своето долгогодишно известување за Русија, Островски вели дека многу од ултрабогатите луѓе во земјата во моментов чувствуваат „целосен ќорсокак, до кој оваа војна ја доведе Русија… еден вид отсуство на иднина“.

Но, дури и ако тајкуните размислуваат за иднината, се чини дека се мали шансите тие наскоро да преземат некаква акција. Браудер, кој е критичар на Путин, вели дека иако многумина од нив се незадоволни, малку е веројатно дека ќе коваат заговор против Путин додека тој е жив.

„Тие знаат дека ако направат нешто со што би му се спротивставиле на Путин, тој ќе ги убие. А Путин е еден многу параноичен, ситен човек.“

Мајк Калви, американски финансиер кој своевремено беше клучен инвеститор во Русија, се согласува со ова.

„Што друго можат да направат, освен едноставно да отидат право во затвор и да останат без својот имот? Лесно им е на луѓето што седат во Лондон да велат: ’Зошто сите вие ​​едноставно не станете и не отидете право во затвор? Но, токму тоа и би се случило.“

Најбогатите луѓе во Русија некогаш можеа да ги повлечат вистинските конци на највисоките нивоа на власта. Штом Путин ќе си замине, нема сомнеж дека тие ќе се обидат да си го вратат своето некогашно влијание. Прашањето е: дали остатоците од сегашниот режим ќе им го дозволат тоа? (Би-Би-Си)