Колби од Пентагон ги предупреди сојузниците во НАТО да не ги исклучуваат американските компании од договорите за оружје


БРИСЕЛ – Елбриџ Колби, функционер за политика во Пентагон,  ги предупреди европските сојузници во НАТО да не ги исклучуваат американските компании од договорите за набавка на оружје, додека тие одговараат на повиците на Вашингтон за засилување на вооружувањето и намалување на зависноста од САД во однос на конвенционалната одбрана на континентот.

„Разбираме дека европското население треба да има корист од зголемените трошоци за одбрана. Тоа е сосема праведно и разумно“, изјави Колби по состанокот во седиштето на НАТО во Брисел.

„Но, американските компании го произведуваат најдоброто оружје во светот. Ако сакате безбедна Европа во рамките на ’НАТО 3.0‘, потребни ви се средства како што е (американскиот борбен авион) Ф-35.“

Колби нагласи дека САД не инсистираат производството да биде исклучиво американско и дека се подготвени да помогнат во соработката меѓу одбранбените индустрии, но додаде дека тоа мора да биде „прагматичен и избалансиран однос“.

Одговарајќи на прашања за временската рамка и опсегот на потенцијалното намалување на бројот на американски војници во Европа – што е предмет на тековна ревизија – Колби изјави дека сè уште се надева оти ќе се испочитува рокот од 1 декември за завршување на оваа ревизија. Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, ја најави оваа шестмесечна ревизија во јуни.

Тој не кажа експлицитно дека тоа би можело да доведе до намалување на бројот од 80.000 американски војници распоредени во Европа, но нагласи дека целта е да се поттикне континентот да преземе поголема одговорност, истовремено овозможувајќи ѝ на американската војска да ги исполни своите глобални обврски.

Колби ги пофали сојузниците како Германија, скандинавските земји, Полска и Холандија за постигнатиот напредок, но истовремено нагласи дека е итно и другите земји да го следат тој пример.

„Ќе ги распоредиме нашите воени сили таму каде што се најпотребни за Американците“, рече тој, издвојувајќи ги Западната хемисфера и Индо-пацифичкиот регион.

„Тоа не значи напуштање на Европа. Напротив, тоа подразбира поинаков, пребалансиран однос со сојузниците – пристап што потсетува на ’НАТО 1.0‘, односно на ерата на Студената војна, кој се темели на воена подготвеност.“

Пред почетокот на состанокот, германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека очекува во наредните недели да има поголема јасност околу опсегот на евентуалното намалување на американските сили.

„Очекуваме промени во бројноста на војниците, но засега немаме конкретни информации… Сепак, до промена во рамнотежата на конвенционалните сили ќе дојдеше без оглед на тоа кој е претседател на САД, поради зголемениот ангажман во Индо-пацифичкиот регион.“

Во Германија се стационирани околу 35.000 американски војници, што претставува најголемо американско воено присуство во Европа. Според шпекулации на европски воени извори, Вашингтон би можел да премести една бригада, односно околу 5.000 војници, од Германија – или во Азија, или поблиску до источното крило на НАТО, во Полска.

На состанокот на таканаречената „Рамштајн група“ – составена од земји што ѝ пружаат воена поддршка на Украина – одржан во седиштето на НАТО, се разговараше за тоа како да се обезбеди повеќе оружје за Киев пред почетокот на тешката зима, во услови кога Русија ги засилува воздушните напади врз цивилната инфраструктура. Писториус изјави дека Германија и Норвешка ќе финансираат уште еден пакет американско оружје во рамките на програмата PURL, со фокус на испорака на дополнителни ракети од типот PAC-2 (RTX.N) и PAC-3 (LMT.N) за системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ (Patriot) во Украина.Тој наведе дека придонесот на Берлин во овој пакет изнесува околу 300 милиони долари.

Германија работи на интегрирање на своите ракети IRIS-T со норвешките системи за противвоздушна одбрана NASAMS (KOG.OL), а исто така ќе испорача дополнителни радари, како и муниција за беспилотни летала и борбени авиони, рече тој.

„Уште еднаш ќе апелираме за чувство за одговорност кај сите“, нагласи Писториус, алудирајќи на сојузниците, како што е Грција, кои сè уште располагаат со големи залихи на ракети за системот „Патриот“.

„Поддршката за Украина не е хуманитарен чин, туку оди подалеку од солидарност и поддршка за земја што е под напад“, рече тој, додавајќи: „Станува збор за безбедноста на Европа, за запирање на Владимир Путин и за негово ставање на соодветното место“.