Мојсовска ја нападна владата, ги продолжила договорите со бугарската коцкарска мафија
Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати прашање до заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, за продолжувањето на работењето на државната платформа за онлајн коцкање „Мегавин“, скандалозните договори со бугарската фирма МДД СОФТ и сомнителното работење на Државна лотарија под раководство на актуелниот директор Александар Климовски.
Мојсоска потсети дека во септември 2024 година, вицепремиерот Изет Меџити најави укинување на „Мегавин“, обвинувајќи ја претходната власт за воспоставување криминално партнерство со бугарската коцкарска мафија. Но, две години подоцна, платформата сè уште функционира, а новиот Закон за игрите на среќа е одложен до 2028 година, со што Владата му остава дополнителни две години простор на коцкарскиот бизнис да профитира од дејност која уништува цели семејства и ја загрозува иднината на младите.
Според неа, особено индикативно е што договорот за „Мегавин“, склучен во 2023 година од тогашниот директор Перпарим Бајрами со бугарската фирма МДД СОФТ, застапувана од Денчо Димитров Ганев, наместо да биде раскинат и преиспитан, добива продолжение под новата власт. Мојсоска посочи дека Ганев се поврзува со деловни релации со бугарскиот коцкарски магнат Васил Бошков, против кого во Бугарија се воделе истраги и постапки за низа тешки кривични дела. И покрај претходните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ за овој договор, актуелниот директор Александар Климовски на 13 јуни 2025 година склучува анекс со истата фирма.
„Наместо да го преиспита договорот на Перпарим Бајрами и да ја укине платформата „Мегавин“, како што најавуваше вашата Влада, вмровскиот директор на Лотарија потпишува анекс на договорот со истата фирма застапувана од деловниот партнер на еден од најголемите бугарски коцкарски мафијаши!“ – истакна Мојсоска, посочувајќи го лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ, која денес го продолжува токму она што вчера го осудуваше.
Покрај скандалот со „Мегавин“, Мојсоска отвори и прашања за нетранспарентното трошење на јавни средства од страна на Државна лотарија за прославата на 35-годишнината од независноста. Јавноста сè уште нема увид во поединечните исплати кон ангажираните лица и фирми, а остануваат неодговорени прашањата за законитоста на договорите и постапките преку кои се доделувале јавните средства. Меѓу спорните случаи се исплатата од 45.000 евра за проект за гледање фудбал на поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром, договорот со „Авалон продукција“ врз основа на понуда од 100 страници разгледана во еден ден, како и можниот судир на интереси кај претседателот на комисијата што ја одобрила понудата, а потоа се појавува и како автор во програмата за прославата.
Дополнително, остануваат отворени и прашањата за хонорарот од 140.000 евра што Климовски го добивал од „Касинос Аустриа“, а кој, според наводите на Мојсоска, не бил пријавен во неговиот анкетен лист, како и за сомнителните исплати преку системот „Мегавин“. Тука е и случајот со корисникот под псевдонимот „Нострадамус“, кој наводно во еден ден остварил 178 добивки на онлајн покер и заработил 10 милиони евра.
На крајот, Мојсоска го повика Николоски да се произнесе дали ДПМНЕ ќе побара разрешување на директорот Александар Климовски и затворање на платформата „Мегавин“, или ќе продолжи да ги штити договорите со бугарската фирма што самата партија ги прогласуваше за криминални додека беше во опозиција.
„Државна лотарија не е приватна фирма на Александар Климовски, туку акционерско друштво во кое државата има удел. Нејзините средства не смеат да служат за партиски интереси, сомнителни деловни зделки и профитирање на коцкарската индустрија на грбот на граѓаните“, оцени Мосјовска.
На обвинувањата одговори заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, кој рече дека Владата го изменила Законот за игри на среќа со кој јасно се ограничува организирањето на игри на среќа.
„Само Државната Лотарија ќе може да организира игри на среќа, дополнително се воведе ограничување од 500 метри од училишта, а ги зголемивме и давачките“, одговори Николоски, на седницата посветена на поставување на паратенички прашања.
Тој потсети дека законот ќе почне да се применува од 1 јануари.
„Измените се состојат од два дела. Прво, се забранува сè што е во пропагандна цел, од рекламирање преку физички изглед на излози и така натаму, а втората е сериозна рестрикција на објекти каде што може да се приредуваат игри на среќа. Не само што се воведе ограничување од 500 метри од училишта, туку исто така се зголемија давачките коишто ги плаќаат оние коишто организираат игри на среќа, дали се работи по апарат, дали се работи по лиценца или по објект. На тој начин сериозно ќе се намали бројот на објекти каде што ќе се организираат игри на среќа. Фактичката примена почнува од 1 јануари. Она што е значајно и што е поврзано со првото, со вашето прашање во однос на 1 јануари, е дека од 1 јануари единствен којшто ќе може да приредува онлајн игри на среќа ќе е државата, односно Државна Лотарија, со само еден правен субјект којшто ќе може да го прави тоа, а истото се однесува и на видео лотариските терминали, односно ВЛТ апаратите, каде што државата ќе е единствена којашто ќе може да организира вакви игри на среќа преку исто така еден субјект“, одговори Николоски.
„Укинати се лиценците на 3 компании коишто требаше да приредуваат онлајн игри на среќа. Дополнително, укината е платформата 2WIN, којашто беше дел од Казино Австрија и која што беше дел од ВЛТ терминалите, а исто така иницирани се и кривични постапки. Во моментов се води активна судска постапка против Артан Груби, Прпарим Бајрами и останати обвинети, и очекувам судот во ефикасна процедура ова да го заврши и да одговараат за она што го сториле“, рече вицепремиерот Николоски.
Истакна дека е потребна е строга државна контрола за да не се случи како во минатото да работи „црниот пазар“.
„Имаме деновиве еден интересен случај во јавноста, поврзан со Ива Михаилова. Јавноста заборава дека нејзиниот татко беше осуден токму како дел од акцијата ‘Детонатор’, којашто во периодот некаде пред 2013 години значеше сузбивање на нелегално организирање на игри на среќа. Се сеќавате на десетици апарати коишто беа извадени на плоштад од Македонија, каде што беа покажани апаратите на коишто нелегално се организирале игри на среќа.
А, мислам дека јавноста заслужува одговор на уште едно прашање, а тоа е дали тоа што поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски, не го потпиша Законот за игри на среќа, којшто го донесе претходниот парламентарен состав, можеби е поврзано со изградбата на зграда во Влае на неговиот директор на Агенција за разузнавање Ерол Муслиу. Односно, дали едното и другото се поврзани и каде води трагата на парите? Ги повикувам, еве, по допрен глас да постапат и од обвинителството и од финансиската полиција и од финансиското разузнавање во однос на оваа работа“, додаде Николоски.