Отстранување од домот на насилниците, предвидуваат законските измени за заштита од семејно насилство


Панче Тошковски (Фото: Б. Грданоски)

Електронско следење на сторителите и можност полицијата да ги отстранува од домот, дури и кога се негови сопственици, се дел од предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

Со измените се прецизираат надлежностите на институциите за спроведување на итните и привремените мерки. Министерството за внатрешни работи ќе биде надлежно за најголем дел од нив, Министерството за здравство за одредена мерка, а советувалиштата за сторители ќе спроведуваат мерки за нивно советување. Предвидена е и можност, со судска одлука, одредени мерки да се спроведуваат со електронски алки за следење на сторителите.

Една од позначајните новини е можноста полициски службеник, доколку утврди сериозен ризик за безбедноста на жртвата, веднаш да нареди отстранување на насилникот од домот, без оглед дали тој е сопственик на недвижноста. Усната наредба ќе важи 48 часа, а во рок од шест часа треба да биде доставена и во писмена форма. Потоа, судот ќе одлучува дали мерката ќе ја продолжи до 30 дена или ќе ја прекине. 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потенцираше дека најважно за справувањето со семејното насилство во Македонија е тоа да има заеднички општествен договор дека ова општествено зло ќе се третира како приоритет од сите општествени чинители.

Според анализата на МВР, од 2021 до 2025 година регистрирани се 5.537 кривични дела од семејно насилство, 5.699 сторители и 5.890 жртви. На годишно ниво се бележат просечно околу 1.107 кривични дела а просекот на дневно ниво изнесува по 3 кривични дела и најмалку по три жртви. Најзастапени кривични дела при вршење семејно насилство се телесна повреда при вршење на семејно насилство и загрозување на сигурноста.

На брифингот беа презентирани статистички показатели и трендови за кривични дела при вршење семејно насилство од 2021 до 2026 година. Најчесто нападнати се жените и тоа во својство на сопруги, а потоа и како жени во вонбрачна заедница и како мајки. Во 2026 година поднесени се 1.450 кривични пријави за 1.489 кривични дела кои се зголемени за над 50 проценти. Најголем процент од делата се на подрачјето на СВР Скопје, околу 20 проценти.

Годинава споредено со лани има и повеќе сторители на кривични дела поврзани со семејно насилство, а за тоа главен фактор е тоа што се смени Кривичниот Законик и полициските службеници повеќе не бараат согласност од жртвата за да го гонат кривично насилникот.

Годинава се определени мерки на претпазливост и итни мерки – отстранување на сторител и забрана за приближување до домот за 167 сторители. Во 2025 година тој број бил 90.