Пристигнаа трите нови амбултантни возила во штипската Брза помош


-Три нови амбулантни возила пристигнаа во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип, наменети за потребите на Брзата помош. Возилата се опремени со современа медицинска опрема и ќе овозможат побрз транспорт на пациентите и подобри услови за работа на медицинскиот персонал. Директорот на Здравствениот дом „ Панче Караѓозов“-Штип  Горан Андонов изјави дека со оваа набавка ќе се подобри здравствената заштита на жителите на Штип и Карбинци. 

-Трите нови современи амбулантни возила се дел од проектот 100 амбулантни возила од Министерството за здравството и Владата на Р. Македонија. Последната ваква набавка е во 2012 година, така што и те како е оправдано ваквите нови возила, со цел да се подобри квалитетот на здравствена заштита, да имам побрз транспорт на пациентите, а секако и подобри услови за нашите вработени. Тоа е инвестиција во спасени животи, побрз транспорт до повисоките здравствени институции и подобрување на условите на работа. Во моментот располагаме со 11 доктори, 11 возачи и 12 медицински сестри и шест амбулантни возила, во овој момент ги задоволуваме стандардите и целосната покриеност во општина Штип и општина Карбинци-рече Андонов.

Пратеникот во македонското Собрание Душко Иванов најави дека во наредниот период Здравствениот дом во Штип треба да добие уште едно амбулантно возило. Тој упати благодарност до Владата и Министерството за здравство, посочувајќи дека по 14 години повторно се набавуваат нови возила. 

-Според тоа што јас го имам како информација, здравствениот дом ќе има уште едно возило во текот на наредниот период, така да еве и јас сакам да изразам огромна благодарност до Влада, до ресорното министерството за набавката на овие современи возила. Фактот дека после 14 години се набавуваат нови возила укажува на различниот пристап и начинот на кој што се практикува власта во Македонија – вели Иванов.

Лекарите и здравствениот персонал во Итната медицинска помош велат дека се задоволни од возилата, посочувајќи дека истите располагаат со современа опрема за згрижување, имобилизација и транспорт на повредени и критично болни пациенти. 

-Во овие возила имаме многу помедерна техника за имобилизација на скршеници, односно фрактури и други отворени или затворени повреди. Имаме дополнителен санитетски материјал кој што можеме да го користиме, а исто така и материјал кој што ќе го користиме за транспортот на пациентите, односно лежај и останати средства- вели Сара Николова лекар во Брзата помош-Штип.

Со новите амбулантни возила, Итната медицинска помош во Штип добива подобри услови за побрза и поефикасна интервенција и згрижување на пациентите.