Крива Паланка стипендира 37 ученици и студенти во новата учебна година
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска им ги врачи договорите за стипендирање на талентирани средношколци, студенти и ученици спортисти за учебната и академската 2026/2027 година.
Општината годинава доделува 37 стипендии, од кои 17 за талентирани средношколци и студенти и 20 за ученици спортисти. Од вкупниот број стипендисти, 12 се нови корисници, а 25 продолжуваат да ја користат поддршката од претходната година, согласно утврдените услови. Стипендијата изнесува 3.000 денари месечно и се исплаќа во текот на девет месеци.
Митовски истакна дека Општината континуирано ја спроведува оваа мерка за да го вреднува
трудот на младите, да им помогне да напредуваат во образованието и спортот и да ги олесни
трошоците на нивните семејства.
Општина Крива Паланка континуирано ги поддржува младите и преку низа на други мерки, меѓу кои се субвенционираниот превоз за студенти, финансиската поддршка за учениците во прва година во СОУ „Ѓорче Петров“ Крива Паланка, за матурантите, субвенции за набавка на велосипеди и др.
„Од срце ви честитам за сè што сте постигнале досега. Нека ви биде оваа стипендија поттик
да си поставите уште поголеми цели и храбро да тргнете кон нив. Вратата на мојот кабинет е секогаш отворена за вас. Секогаш сте добредојдени да ми кажете што планирате и каде ви треба поддршка. А кога ќе освоите медал, ќе добиете награда или ќе остварите нешто што долго сте го посакувале, кога имате потреба од помош и поддршка секогаш сум тука за вас. Ќе ми биде драго заедно да се радуваме и да ги славиме вашите успеси“, им порача градоначалникот Митовски на стипендистите.