Мицкоски отвори пресметка и со Кире Наумов за случувања пред 10 години
Мицкоски вели дека Наумов во 2016 година ја кодошел земјата, тој остро му одговара дека и денес би го направил истото за двете еврообврзници
Во февруари година беше разрешен од местото директор на Развојната банка на Македонија (една година пред истекот на мандатот), а денес се најде на удар на премиерот со обвинувања дека ја кодошел сопствената држава и влада. И тоа во 2016 година.
Се разбори за економистот Кире Наумов.
Христијан Мицкоски, објаснувајќи денеска зошто владата го додала делот за банкарството во Кривичниот законик испратен на преглед во ЕУ, го поврза со острите опозициски реакции за судбината на Алта банка од Битола, но направи и скок во 2016 година, кога според Пржинскиот договор имаше дополнителен заменик-министер за финансии во владата на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа беше Кире Наумов предложен од СДСМ.
Премиерот на отворањето градинка во скопската општина Гази Баба рече дека не било прв пат опозицијата да опструира решенија. И го спомена Кире Наумов.
„Ако се вратиме наназад во 2016 година, кога имавме техничка влада, тогаш дополнителен заменик-министер за финансии беше Кире Наумов, ми се чини. Тој испраќаше писма во светот на начин на кој ја опструираше тогашната емисија на еврообврзница и тоа граѓаните ги чинеше неколку милиони евра затоа што доверителите ги поткренаа каматите.
Кире Наумов одлучи да си ја кодоши во светот сопствената држава и влада. Тоа го прави и сега за СДСМ“, рече премиерот.
Кире Наумов реагираше промптно на својот профил на Фејсбук. И нагласи дека ако биде пак во иста позиција би го направил истото за да ја спречи предизборната корупција. И дека бил горд што го направил тоа, затоа што било негова патриотска обврска. Наумов ја споменува легендарната реплика од „бомбите“ – ние купуваме чоколада, а немаме за леб – опишувајќи ја тогашната состојба со финансиите.
Еве го одговорот на Кире Наумов:
„Да, Кире Наумов беше, без да му се чини.
И да, јас сум горд што пред десетина години како дополнителен заменик министер успеав да ги преполовам двете еврообврзници за 400 милиони евра народни пари. Пари кои ќе требаше да одат за чоколади кога се немаше за леб, за срамна предизборна корупција и за криминални тендери за режимот, за кој актуелниов премиер самиот денес вели дека бил криминален.
Тоа беше моја патриотска обврска, и тоа не се прави со паушални писма до инвеститорите, туку со докази дека тие средства ќе бидат наменети за задржување на криминален и недемократки режим, а не за плати или пензии кои се исплаќаа непречено без овие 400 милиони евра.
Ги советувам, еве, нека се обидат денес официјаните лица да пуштат убедувања дека сме трета економија во Европа, па нека ја намалат каматата на евробврзницата која следува, а за која има најава дека ќе биде една од повисоките во последниот период.
Адресите јас ќе им ги дадам.
И секако, ако бидам пак во иста позиција, без никава резерва ќе постапам исто“.