СДСМ прашува: Имало ли воопшто пари во Алта банка, или се само на хартија?
Од партијата исто така отвораат сомнеж дека пари во алта банка има само на хартија, бидејќи се печателе нелегални банкноти.
– Последните информации од медиумите во Србија говорат за сомнежи дека Мацура, чии пари никогаш не стигнале до трезорот, туку биле изнесени претходно од банката, дошол на идеја да печати лажни банкноти поради контрола од Народната банка. Според овие објави во медиумите, наводно во секој сноп првата и последната банкнота од 500 евра биле вистински, а сите останати биле отпечатени во приватна печатница.
Ова е банката што Мицкоски ја внесе во Македонија. Ова е банката за која Славески даде дозвола. Ова е банката во која се парите на јавните претпријатија и на граѓаните.Славески со потписот самиот се обвини. Даде дозвола за работа на банка што служи за перење пари стекнати со криминал, корупција и дрога.Мицкоски јавно призна дека учествувал и во случајот со банката и во случајот со осигурителната куќа.Затоа СДСМ поднесува кривични пријави против гувернерот Трајко Славески и против сите инволвирани во внесувањето на Алта банка во Македонија.
Во Србија секој ден има апсења. Обвинителството работи. Ги вади истрагите од фиока. Кај нас Мицкоски го копира Вучиќ и поднесува пријави против опозицијата за ширење паника. Паниката ја направија тие кога ја донесоа криминалната банка, воведоа присилна управа и им ги блокираа парите на граѓаните. Се поставува прашањето дали 80-те милиони евра што Алта банка Битола ги има во својот извештај навистина постојат или и тие постојат само на хартија, праша СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека документите и фактите јасно покажуваат дека СДСМ и Венко Филипче пласираат невистини и се обидуваат да создадат политичка хистерија околу влезот на Алта банка на македонскиот финансиски пазар.
-Како што беше посочено и на надзорната расправа во Собранието, уште во 2023 година, за време на владата на СДС и ДУИ, на 194 седница на Владата додека претседател бил Димитар Ковачевски, одржана на 24 октомври, тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими побарал одобрување Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта банка од Србија во сопственост на Давор Мацура. Тоа значи дека токму владата на СДС и ДУИ ја разгледувала и ја прифатила можноста за воспоставување деловна соработка со истата банка и истиот сопственик, за кои денес, Филипче и СДС шират обвинувања, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според власта, невистинити се и тврдењата дека Алта банка имала забрана за работа во Европската Унија или дека била санкционирана од Европската централна банка.
-Податоците објавени на официјалната веб-страница на Адико банка во Виена покажуваат дека Алта банка Белград поседувала 9,63 проценти од акциите на оваа банка, а тој удел банката го има до ден денес. Дополнително, Алта банка склучила договор со Рајфајзен банка од Виена во врска со планираното преземање на Адико банка и идното пренесување на нејзините филијали во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Ваквата одлука е активна до моментот на одземањето на лиценцата на Алта банка во Србија, по што Рајфајзен банка носи нова одлука со која ја прекинува соработката со српската банка.Овие факти се во спротивност со политичките тврдења на СДС дека Алта банка имала забрана за работа во ЕУ.
Особено е важно да се потенцира дека македонските институции постапуваат врз основа на законите и надлежностите, а не врз основа на политички конструкции и неаргументирани обвинувања. Банката не само што не била забранета, туку била дел од сопственичките структури на ЕУ банка.Од друга страна, СДС и Венко Филипче треба да одговорат зошто во 2023 година нивната влада ја разгледувала деловната соработка со Алта банка, а денес истата таа банка ја користат за политички конструкции и напади, со кои свесно шират паника за да ја нарушат довербата во финансискиот систем и државата, а тоа нема да им успее.Затоа го повикуваме Јавното обвинителство да ги истражи сите овие основни сомнежи и да започне постапка против претседателот на СДС, Венко Филипче, повикаа од ВМРО-ДПМНЕ.