НАТО го откажа самитот во Тирана во 2027 година
Непријатен удар за албанскиот премиер Еди Рама како последица од повеќемесечните протести против неговата влада: НАТО се откажа од одржувањето на самитот во Тирана во 2027 година. Тоа денеска во Даблин, од самитот на Европската политичка заедница, го објави премиерот Рама, пренесе Ројтерс.
„Проблемот е што сè уште не постои заеднички став за тоа кога ќе се одржи самитот, но сигурно нема да биде во 2027 година“, изјави Рама.
„А во 2028 година, ако се одржи самит, ќе се одржи во Тирана“, додаде тој.
Ројтерс уште во јуни објави дека одржувањето на самитот во Албанија во 2027 година е доведено во прашање поради противењето на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и незадоволството на членките на НАТО од ниските издвојувања на Тирана за одбраната.
Алијансата во меѓувреме ја разгледува можноста да се откаже од досегашната практика на одржување годишни самити, со што би можела да избегне потенцијално тензична средба со Трамп во подоцнежниот дел од неговиот претседателски мандат.
Во декларацијата усвоена на самитот во Хаг во јуни 2025 година, лидерите на НАТО најавија дека следниот состанок ќе се одржи во Турција во 2026 година, а потоа во Албанија.
Меѓутоа, во декларацијата од самитот во Анкара во јули годинава, лидерите само наведоа дека со нетрпение го очекуваат следниот состанок, без да прецизираат кога и каде ќе се одржи.