Обвинители од ЕУ почнаа втора истрага по смртоносната железничка несреќа во Шпанија


Итните служби им даваат помош на настраданите во железничката несреќа (Фото: АП)

Европското јавно обвинителство (ЕППО) покрена втора истрага за сомневање за измама со средства од Европската Унија, девет дена по железничката несреќа во Шпанија во која загинаа 69 лица.

Делувајќи во име на телото на ЕУ, шпанската полиција ги испита документите во железничкиот оператор „АДИФ“, Државната агенција за железничка безбедност (AESF) и Шпанскиот суд за ревизија во Мадрид, соопшти обвинителството на ЕУ денеска во Луксембург.

Новата истрага е фокусирана на сомневањата дека можеби се случиле неправилности при користењето на средствата од ЕУ за одржување на брзата пруга Мадрид-Севилја.

Годинава се случија две сериозни железнички несреќи на најстарата брза рута во Шпанија.

Во јануари, 46 лица загинаа кога два брзи воза се судрија во близина на Адамуз во Андалузија. Веројатна причина беше искршена шина, што предизвика излетување од шините на еден од возовите пред да се удри во воз кој доаѓал од спротивната насока. По тоа, ЕУ обвинителството покрена прва истрага за сомневање за измама со субвенции од доделените средства за реконструкција на пругата.

Потоа, во средата минатата недела, воз кој се движел со голема брзина удрил во задниот дел на паркиран воз во близина на градот Урда, на околу 130 километри јужно од Мадрид. Во несреќата загинаа 69 лица.

Истрагите за причината за несреќата се фокусираат на дефектот на системот за заштита на возовите ЛЗБ и можните грешки во инструкциите издадени од контролниот центар на мрежниот оператор „АДИФ“.

Втората истрага на ЕУ обвинителството, која е во тек, се однесува на средствата од ЕУ наменети за реконструкција и модернизација на безбедносните, сигналните и комуникациските системи.