Кина изгласа нов закон за Антарктикот. Сака да ги заштити своите интереси
Кина донесе закон со кој се заоструваат правилата за нејзините активности на Антарктикот и подетално се регулира истражувањето на континентот. Како и Соединетите Американски Држави, Кина ги засилува своите активности на Антарктикот и Арктикот со цел истражување на поларните ресурси. Официјалната цел на законот е да се поттикнат кинеските научни истражувања, а истовремено да се заштити безбедноста на националните активности, имотот и другите интереси на Антарктикот, објавува Ројтерс.
Законот предвидува дека за време на кинеските активности, животните и растенијата мора да бидат заштитени, отпадот мора правилно да се отстранува и загадувањето на морето мора да се спречи. Исто така, бара избегнување или намалување на штетните влијанија врз животната средина. Издавањето дозволи за кинески истражувања, туризам, навигација и други активности ќе зависи од исполнување на голем број еколошки, безбедносни и други услови.
Кина има станица за следење на атмосферата на Антарктикот веќе две години. Таа служи за следење на промените и го поддржува глобалниот одговор на климатските промени.
Кина е потписник на Антарктичкиот договор, кој го дефинира континентот како научен резерват отворен за истражување и забранува воени активности. Исто така, таа е потписничка на Протоколот за заштита на животната средина од 1991 година, со кој се забранува рударството и истражувањето на нафта 50 години.