Судија времено ја блокираше Триумфалната капија на Трамп во Вашингтон
Вашингтон – Доцна во четвртокот, судија привремено го спречи почетокот на изградбата на предложениот триумфален лак на претседателот Доналд Трамп во Вашингтон, висок 250 стапки (76 метри), и тоа кратко откако проектот доби клучна дозвола.
Американскиот окружен судија Тања Чуткан издаде 14-дневна забрана за започнување на работите, откако Комисијата за планирање на главниот град (National Capital Planning Commission) со 8 гласа „за“ и 4 „против“ го одобри проектот, и тоа откако претходно ги сослуша ставовите на околу 100 противници, меѓу кои и пратеници од Демократската партија.
Администрацијата на Трамп тврди дека Конгресот го одобрил лакот пред повеќе од 100 години, кога истовремено ја одобрил и изградбата на мост преку реката Потомак.
„Самата неверојатност дека еден закон стар 100 години би содржел овластување – непознато за сите претходни администрации – за подигнување на лак висок 250 стапки на една од главните локации во главниот град, покажува до каде мора да оди (владата) во своето толкување за да го оправда овој проект“, напиша судијката Чуткан.
Таа наведе дека одобрувањето би довело до градежни работи во траење од околу три години, „кои ќе го попречат сообраќајот, ќе создадат бучава, ќе вклучуваат ископувања од голем обем и друго“.
Министерството за правда претходно изјави дека, доколку проектот биде одобрен, се очекува почетна фаза на изградба во траење од шест до осум месеци, фокусирана на ископувања и темели, која би можела да започне уште во четвртокот. Изградбата над земјата би започнала најрано во мај 2027 година, а се очекува целата работа да трае вкупно 33 до 39 месеци.
„Тоа со години ќе го парализира сообраќајот, ќе влијае врз блискиот аеродром и ќе претставува уште посериозни закани за јавната безбедност – закани што оваа комисија одби да ги признае и со кои одби да се соочи“, изјави Дон Бајер, претставник од Демократската партија кој ја застапува северна Вирџинија.
Службата за национални паркови (National Park Service) исто така доцна во четвртокот соопшти дека го одобрила проектот.
Лакот е еден од неколкуте скапи проекти што Трамп ги промовира во Вашингтон, и покрај противењето на локалните власти и заштитниците на културното наследство. Меѓу нив се и реконструкцијата на „Рефлектирачкиот базен“ (Reflecting Pool) кај Меморијалот на Линколн, изградбата на масивна сала за свечености во Белата куќа, како и темелно реновирање на Центарот „Кенеди“ за изведувачки уметности. Лакот се соочи со значително противење пред судовите. Во саботата, сојузната држава Вирџинија и округот Колумбија поднесоа тужба против Службата за национални паркови и Министерството за внатрешни работи, барајќи да се запре почетокот на изградбата. Тие ја оценија изградбата како „правно неодржлива“ и истакнаа дека Конгресот не ја одобрил.
Исто така, изразија низа загрижености во врска со влијанието на проектот врз сообраќајот.
На настан одржан во понеделникот, посветен на подобрувањата на базенот пред Меморијалот на Линколн, Трамп изјави дека лакот ќе служи и како воен ресурс, при што во него ќе можат да се сместат беспилотни летала и снајперисти.
„Се наоѓа точно во центарот на сè, па затоа е многу важен за нашата војска. Но, од аспект на естетиката, тоа ќе биде најубавиот лак во светот“, рече Трамп.
Лакот, кој би вклучувал вечен пламен и рефлектори за да биде видлив за пилотите, би се наоѓал од другата страна на реката Потомак во однос на Меморијалот на Линколн, на кружен тек на автопат, во близина на влезот на Националните гробишта Арлингтон.
Тој би наликувал на Триумфалната капија во Париз, но би бил за повеќе од 80 стапки (околу 24 метри) повисок. Исто така, би бил речиси висок колку зградата на американскиот Капитол, која со висина од 288 стапки (околу 88 метри) е видлива од голем дел на Вашингтон. Локацијата се наоѓа во близина на патеката по која авионите се приближуваат за слетување на Националниот аеродром „Роналд Реган“ во Вашингтон.
На визуелниот приказ се гледа дека пламенот би го држела златна женска фигура со крилја, висока 60 стапки (околу 18 метри), поставена на врвот на лакот, опкружена со златни орли во лет.
Критичарите велат дека лакот би фрлил сенка врз одредени гробни места на Националните гробишта Арлингтон, додека администрацијата на Трамп тврди дека тој ќе им оддаде почит на ветераните. (Ројтерс)