Банка му ја „затвори славината“ на Варуфакис

Финансиска институција во Белгија ја блокираше сметката на левичарското движење основано од поранешниот грчки министер за финансии


Левичарското движење Diem25 го загуби пристапот до својата банкарска сметка.

„Минатата недела, во својата ’бескрајна мудрост‘, нашата банка одлучи да ни ја блокира сметката“, објави Јанис Варуфакис на Инстаграм во вторникот.

Поранешниот грчки министер за финансии и професор по економија го основаше „Движењето за демократија во Европа 2025“ (Diem25) во Берлин пред десет години. Ова паневропско, левичарско движење опфаќа политички партии во Германија, Франција, Шведска и Италија, како и партијата MeRA25 во Грција.

„Изненадувачкото и неосновано затворање на нашата сметка – иако ги исполнивме сите обврски според банкарските прописи ’Запознај го својот клиент‘ (Know Your Customer) и бевме проверени од белгиските власти – претставува јасна и непосредна закана за европската демократија“, изјави Варуфакис.

Варуфакис стана познат во 2015 година, кога тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас го назначи за министер за финансии. Како гласен противник на мерките за штедење наметнати од ЕУ, тој поднесе оставка само неколку месеци подоцна, откако владата на Сириза ги прифати пакетите за штедење.

„Запознај го својот клиент“ (Know Your Customer) се однесува на задолжителни регулаторни процедури чија цел е да им овозможат на банките да го потврдат идентитетот на лицата кои стојат зад одредена сметка, како и да потврдат дека деловниот однос и трансакциите се легитимни и веродостојни. Ова има за цел да спречи перење пари, финансирање тероризам, измами или заобиколување на санкции. 

Ерик Едман, политички директор на Diem25, изјави  дека организацијата во моментов не сака да го открие името на банката во Белгија каде што се наоѓа нејзиното административно седиште. Здружението првпат сфатило дека повеќе нема пристап до својата банкарска сметка на 8 октомври.

Банката подоцна соопшти дека неколку недели претходно испратила известување по пошта, во кое се најавува затворање на сметката со важност од јули, при што бил предвиден тримесечен отказен рок. Едман, сепак, тврди дека такво писмо никогаш не било примено. Банката не одговорила на последователните барања, па така, преку ноќ, движењето останало без пристап до своите средства.

„За нашето движење, ова претставува егзистенцијална криза, бидејќи сите наши трошоци и плати се покриваа преку оваа сметка“, изјави Едман.

Засега, организацијата се обидува да ги покрие основните трошоци преку фонд за итни донации. Покрај тоа, отворањето нова банкарска сметка се покажа како тешка задача.

„Денес, многу повеќе банки имаат резерви во однос на меѓународниот карактер на нашата организација, отколку што имаа кога бевме основани во 2016 година.“

Самата банка одбива да наведе причини за затворањето на сметката.

„Сепак, по серијата состаноци со сојузници во Белгија, кои се соочиле со слични мерки на блокирање сметки, се чини дека се појавува еден загрижувачки тренд“, рече Едман. 

Сè почести се извештаите за затворање сметки на левичарски актери и групи – практика позната како „дебанкинг“ (исклучување од банкарскиот систем). На почетокот на 2026 година, беше затворена сметката во Postbank на организацијата VVN-BdA (Здружение на прогонети од нацистичкиот режим – Федерација на антифашисти) во Берлин-Трептов; последователниот обид за отворање сметка во Berliner Sparkasse првично беше одбиен, по неколкунеделен процес на проверка, без притоа да се наведе каква било причина.

По јавниот притисок, Sparkasse на крајот ја промени својата одлука. Уште позначаен случај се случи кон крајот на 2025 година, а беше поврзан со организацијата „Rote Hilfe“ („Црвена помош“). Банката „GLS Bank“ ги затвори сите сметки на оваа организација за правна помош, без претходно известување, откако администрацијата на Трамп стави неколку левичарски активисти – кои добиле правна поддршка од „Rote Hilfe“ – на „листа на терористи“.

Во ЕУ, пристапот до приватна банкарска сметка претставува заштитено право. „DiEM25“ се залага ова право да се прошири и на непрофитните здруженија.

„Пристапот до банкарски услуги не смее да се злоупотребува како средство за вршење притисок“, вели Едман.