Аларм за екстремна опасност во Германија: Истекла опасна хемикалија
Сериозна сообраќајна несреќа на автопатот А57 во германскиот град Крефелд предизвика голема интервенција на итните служби, откако камион што превезувал азотна киселина се превртел. Опасната и висококорозивна супстанца почнала да истекува од возилото, поради што надлежните органи изолирале поширока област, а, инцидентот предизвика и значителни прекини во железничкиот сообраќај кон Диселдорф.
Несреќата се случила во текот на ноќта, во близина на клучката „Крефелд-Центрум“ (Krefeld-Zentrum). Возачот на камионот е повреден и пренесен во болница, додека на местото на настанот се упатени околу 150 пожарникари и припадници на итните служби за да го спречат ширењето на истекувањето и да ја испумпаат опасната материја.
Поради ризикот од ширење на киселината, околу местото на несреќата е воспоставена безбедносна зона со радиус од еден километар, а сообраќајот на една од главните железнички линии е запрен.
Погодени се неколку железнички линии, меѓу кои: RE 10 (Диселдорф–Клеве), RE 7 (Рајне–Вупертал–Крефелд), RE 42 (Менхенгладбах–Дизбург–Минстер), RB 33 (Ахен–Есен), RB 35 (Гелзенкирхен–Менхенгладбах) и RB 37 (Крефелд–Нојс).
Патниците кои патуваат од Диселдорф и околината се соочуваат со откажување на возови, доцнења и можна промена на рутите. Железничкиот оператор им препорачува на патниците, пред да тргнат на пат, да ги проверат најновите информации за линиите и поаѓањата.
Проблеми има и на автопатот А57, кој е целосно затворен на делницата помеѓу Крефелд-Опум и Крефелд-Гартенштат. На алтернативните патни правци се создадени долги колони возила.
Надлежните предупредуваат на екстремна опасност; училиштата се затворени
Со оглед на сериозноста на ситуацијата, надлежните органи преку апликацијата „NINA“ издадоа предупредување до жителите на Крефелд, класифицирајќи го инцидентот како „екстремна опасност“.
Жителите во погодената област се повикани да останат во своите домови, да ги држат прозорците и вратите затворени, како и да ги исклучат системите за вентилација и климатизација.
Поради опасноста, четири училишта и две градинки во Крефелд ќе останат затворени во текот на целиот ден. Азотната киселина е силно корозивна и може да предизвика тешки повреди на кожата, очите и дишните патишта. Нејзиното истекување може да доведе и до ослободување на опасни гасови, поради што пожарникарите и другите тимови за итни интервенции работат во специјализирана заштитна опрема.